
Соединетите Американски Држави, Европската Унија и Велика Британија повикаа на почитување на одлуката на Специјализираниот совет за Косово во Хаг, откако поранешниот косовски претседател и еден од поранешните водачи на ОВК, Хашим Тачи, беше осуден на 25 години затвор за воени злосторства.
Заедно со Тачи, долги затворски казни добија и останатите тројца поранешни водачи на Ослободителната војска на Косово – Јакуп Красниќи, Кадри Весељи и Реџеп Сељими.
Красниќи, како и Тачи, е осуден на 25 години затвор, Весељи на 18 години, додека Сељими доби затворска казна од 13 години. Станува збор за првостепена пресуда, на која осудените имаат право на жалба.
Портпарол на американскиот Стејт департмент за Радио Слободна Европа изјавил дека САД ја почитуваат пресудата на Специјализираниот совет за Косово и ја поддржуваат правдата за сите жртви и нивните семејства.
Вашингтон ја повторил поддршката за одговорност, правично судење и владеење на правото, истовремено повикувајќи по изрекувањето на пресудата да се избегнува реторика што може дополнително да ги зголеми тензиите.
„Ги повикуваме сите страни да ја почитуваат одлуката на судот, да избегнуваат реторика што поттикнува тензии и да продолжат да работат кон мирна и демократска иднина“, порача портпаролот.
На почитување на одлуката повика и еврокомесарката за проширување Марта Кос. Таа порача дека Специјализираниот совет за Косово е независна судска институција и дека неговите одлуки мора да се почитуваат.
Кос истовремено потсети дека осудените имаат право на жалба и ги повика политичките и другите актери во регионот да придонесат кон надминување на поделбите од минатото.
„Одлуките мора да се почитуваат, а осудените имаат право на жалба. Ги повикувам сите актери во регионот да помогнат во заздравувањето на раните од минатото“, порача Кос, нагласувајќи ја важноста на помирувањето за европската иднина на регионот.
Реакција пристигна и од Велика Британија. Британскиот министер за Европа, Лорд Стјуарт Вуд, оцени дека пресудата претставува значаен момент, но нагласи дека таа се однесува на индивидуалната одговорност на обвинетите, а не на државноста, суверенитетот или правото на самоопределување на Косово.
Вуд повика на смиреност и предупреди дека судските наоди не треба да се користат за поттикнување тензии меѓу заедниците или во поширокиот регион.
Лондон соопшти дека ја почитува независноста на судот и неговите законски процедури и останува посветен на правдата, одговорноста и помирувањето во регионот.
Пресудата беше изречена денеска, 16 септември, во Хаг. Судскиот совет ги прогласи четворицата поранешни водачи на ОВК за виновни за воени злосторства, меѓу кои незаконско или произволно лишување од слобода, сурово постапување, тортура и убиства.
Според судските наоди, предметот опфаќал незаконско притворање на најмалку 385 лица, сурово постапување кон најмалку 49 лица, тортура врз најмалку 303 лица и убиства на 96 лица.
Истовремено, четворицата беа ослободени од обвиненијата за злосторства против човештвото, откако Судскиот совет оцени дека обвинителството не успеало да ги докаже тие обвиненија надвор од разумно сомнение.
Судот нагласи дека постапката се однесува на индивидуалната кривична одговорност на обвинетите, а не на легитимноста на ОВК или на борбата за независност на Косово.
Изрекувањето на пресудите предизвика протести во Приштина и пред судот во Хаг.
Во Приштина, по објавувањето на пресудата, дел од демонстрантите се упатија кон седиштето на мисијата на ЕУ за владеење на правото – ЕУЛЕКС. Според извештаите од местото на настанот, кон објектот биле фрлани камења и шишиња, а полицијата била распоредена пред зградата.
Пресудата предизвика силни реакции во Косово, каде Тачи и останатите поранешни команданти на ОВК имаат голем број поддржувачи. Тачи ги негира обвиненијата, а како првостепено решение, пресудата може да биде обжалена.


