Skip to main content
Македонија

Клековски: Учениците како демографска група не се ризични за западнонилска треска

11/09/2026  13:54

Учениците како демографска група не се ризични за западнонилска треска. Имаме неколку деца кои беа тестирани од западнонилска треска и беа негативни. Најмладиот пациент што беше заразен имаше 25 години и немаме ниту еден засегнат под 25 години и во согласност со тоа не беа преземени посебни мерки за заштита – изјави денеска на седницата за опозициски прашања министерот за здравство Сашо Клековски одговарајќи на прашање на Сања Лукаревска од СДСМ дали се преземени мерки за зашита од западнонилска треска во училиштата. 

Клековски рече дека во рамки на општите мерки на заштита, градоначалниците од скопскиот регион и другите засегнати општини во проверката на можни жаришта (34) извршиле проверка и на училишните дворови за можна застоена вода како потенцијален ризик.

– Во однос на личната заштита не се преземени посебни мерки, а за советување на учениците оваа демографска група не е ризична. Значи, фокусот беше на информирање на граѓаните со 60 и повеќе години како најризични – рече министерот за здравство.

Појасни дека западнонилска треска е целосно непредвидлива за состојба. Како пример посочи дека има години кога во Скопје за прв пат е прскано во јули, а оваа година за прв пат е прскано во мај и оваа година има епидемија, а во таа година кога е прскано во јули нема.

– Имаме општини кадешто се најдени мртви птици со вирусот, тоа е Карпош и Ресен, кадешто нема ниту еден случај со западнонилска треска, а има во едно од најпогодените општини со прскање како што е Илинден а која е рекордерот по број на прскање во скопскиот регион – рече Клековски.

Надлежните институции ги преземале сите неопходни мерки и дејства за справување со епидемијата.