
Првиот министер за одбрана на независна Македонија, д-р Трајан Гоцевски, во интервју за 4ТВ открива драматични детали од периодот на осамостојувањето и повлекувањето на Југословенската народна армија, кога младата македонска држава се соочувала со сериозни воени притисоци и опасност да остане практично отсечена од светот.
Гоцевски сведочи дека во еден од најкритичните моменти од тогашниот воен врв биле упатувани директни закани кон македонското раководство.
„Пред осамостојувањето ни се закануваа дека ќе го срамнат Собранието и рекоа дека на Скопје ќе му одржат лекција да ја памти 100 години“, раскажува Гоцевски за 4ТВ.
Според него, ваквите закани доаѓале во исклучително чувствителен период, додека Македонија се обидувала по мирен пат да ги преземе институциите, објектите и граничните точки и да го заокружи сопствениот суверенитет.
Една од најдраматичните битки, според сведоштвото на Гоцевски, се водела за скопскиот аеродром.
Во март 1992 година, за време на неговото примопредавање, постоела опасност при повлекувањето да биде демонтирана клучната опрема неопходна за функционирањето на аеродромот.
Особено критичен бил радарот „Томсон“. Според Гоцевски, неговото демонтирање практично ќе значело дека авиони нема да можат нормално да слетуваат во Скопје.
За младата држава тоа можело да има огромни последици. Македонија во тој период се наоѓала во исклучително сложено регионално опкружување, а губењето на функционалниот воздушен коридор дополнително ќе ја загрозело комуникацијата на државниот врв, стопанството и граѓаните со светот.
Откако станало јасно дека постои опасност аеродромот да биде онеспособен, следувала итна координација кај претседателот Киро Глигоров.
Одлуката била цврста – Македонија нема да дозволи скопскиот аеродром да биде оставен нефункционален.
Гоцевски добил задача лично да замине во Командата на Третата воена област и да ја пренесе пораката до генералот Милутин Узелац.
„Треба да им ставиме до знаење дека доколку се онеспособи аеродромот за функционирање, ние нема тоа да го дозволиме – и со сила ако треба“, се присетува Гоцевски на пораката што требало да ја пренесе до воениот врв на ЈНА.
Тој раскажува дека пристигнувањето во командата се одвивало под строги воени процедури. Личните предмети биле одземани, а комуникацијата се одвивала преку контролирани воени врски.
Во таква атмосфера, македонската страна требало да покаже дека нема да отстапи од барањето стратегиската опрема да остане и аеродромот да продолжи да функционира.
Сведоштвото на Гоцевски открива колку чувствителни биле последните месеци од присуството на ЈНА во Македонија и колку сериозни биле предизвиците при преземањето на клучната инфраструктура на новата независна држава.
Зад мирното осамостојување, според неговото сведоштво, се водела тешка политичка и безбедносна битка во која само една погрешна одлука можела да предизвика далекусежни последици за Македонија.

