
Разговорите за иднината на Македонија и можноста земјата да тргне по сопствен пат не започнале во 1991 година, туку неколку години порано. Првиот министер за одбрана на независна Македонија, Трајан Гоцевски, во сведоштво за 4ТВ открива детали за средбите и разговорите со Киро Глигоров и генералот Михајло Апостолски во периодот кога Југославија сè уште формално изгледала далеку од конечен распад.
Според Гоцевски, уште на почетокот на 1987 година Глигоров предупредувал дека состојбите во Белград стануваат сериозни и дека Македонија треба да размислува за она што може да следува.
„Горе не оди како што треба“, се присетува Гоцевски на зборовите на Глигоров.
Според неговото сведоштво, Глигоров му посочил дека ќе бидат потребни луѓе и подготовка доколку дојде до распад на Југославија. За Гоцевски, тоа било првпат од висок политички функционер директно да слушне размислување за можноста Македонија да мора да тргне по сопствен пат.
Но разговорите се одвивале во чувствителен период. Гоцевски раскажува дека генералот Михајло Апостолски го предупредувал Глигоров да биде внимателен поради југословенските безбедносни структури.
„Службите сè уште функционираат“, се присетува Гоцевски на предупредувањето упатено до Глигоров.
Според него, овие разговори биле дел од поширок процес во кој македонски интелектуалци, политичари, професори, дипломати и воени лица почнале да размислуваат за клучното прашање – што ќе се случи со Македонија доколку Југославија се распадне и како земјата треба да се подготви за такво сценарио.
Овие размислувања особено се интензивирале во 1990 и 1991 година, кога преку неформални средби се барале одговори за политичката, економската, дипломатската и безбедносната иднина на Македонија.
Гоцевски за 4ТВ открива детали за средбите на она што подоцна било познато како „Форум за Македонија“.
Според неговите белешки, на нив учествувале повеќе истакнати личности од тогашниот политички, научен и општествен живот, меѓу кои Киро Глигоров, Блаже Ристевски, Стојан Андов, Јордан Поп-Јорданов, Ксенте Богоев, Георги Ефремов, Никола Кљусев, Цветан Грозданов, Денко Малески, Владо Поповски, Крсте Црвенковски, генерал Тошо Танасовски и други.
Темите што се отворале биле суштински за иднината на земјата. Се разговарало за можните модели за разрешување на југословенската криза, односите меѓу идните суверени држави, поделбата на југословенското наследство, финансискиот и монетарниот систем, меѓународната и соседската политика и односите со македонската дијаспора.
На маса биле и прашањата за лобирање за меѓународно признавање, безбедноста и одбраната, дипломатијата, формирањето македонска армија, обезбедувањето на северната граница, како и статусот на Македонската православна црква.
Практично, според сведоштвото на Гоцевски, уште пред формалното осамостојување се размислувало за дел од најголемите предизвици со кои би се соочила една независна македонска држава.
Особено значаен е неговиот податок дека од овие средби не се воделе официјални записници. Причината, според Гоцевски, била чувствителноста на моментот – Југославија сè уште постоела, а нејзините државни и безбедносни структури продолжувале да функционираат.
„Сè уште беше тука и сојузната државна администрација, преку Државната безбедност, преку армијата…“, сведочи Гоцевски.
Токму поради тоа, вели тој, разговорите морале да се водат внимателно и во тесен круг.
Сведоштвото на првиот министер за одбрана фрла дополнително светло врз периодот пред прогласувањето на независноста и покажува дека подготовките и размислувањата за можниот самостоен пат на Македонија започнале години пред референдумот од 8 септември 1991 година.

