
Тројца скопјани се повредени во физичка пресметка што синоќа се случила на подрачјето на Чаир, а во која бил употребен нож. Полицијата денеска привела две лица 19-годишник и 13-годишник, двајцата од Скопје.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил на 31 август околу 22 часот. Во физичката пресметка учествувале пет лица, две од едната и три од другата страна.
Според МВР, во текот на тепачката 13-годишникот кој подоцна бил приведен употребил нож и им нанел убодни рани на тројцата учесници од спротивната страна.
Во инцидентот, И.З.(19) и 13-годишник се здобиле со тешки телесни повреди, додека 16-годишник се здобил со телесна повреда.
По пријавувањето на настанот, полициски екипи излегле на местото и извршиле увид. Во рамки на полициските активности биле пронајдени и одземени три ножа, пендрек и други предмети за кои се утврдува дали и на кој начин биле употребени во пресметката.
Полицијата денеска ги привела 19-годишникот и 13-годишникот, кои се задржани во полициска станица.
Од МВР информираат дека продолжуваат со преземање мерки за целосно расчистување на случајот, како и за утврдување на улогата на секој од учесниците во тепачката.
По целосното документирање на настанот, полицијата најавува дека ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје.

