
Ирачкиот премиер Али ал-Заиди го отфрли предлогот дел од силите на меѓународната коалиција да останат во Ирак по 30 септември, потврдувајќи дека тој датум останува краен рок за завршување на воената мисија и целосно повлекување на сите странски трупи – изјави денеска владиниот портпарол Хајдер ал-Абуди.
Говорејќи на прес-конференција, Ал-Абуди рече дека Владата продолжува со постапките и преземените обврски за ограничување на оружјето, регулирање на неговата употреба и обединување на процесот на донесување одлуки.
Тој истакна дека разговорите со фракциите „редовно продолжуваат“, додавајќи дека процесот ќе биде завршен пред 30 септември.
– Одлуките на државата се носат врз основа на националните интереси – рече Ал-Абуди, оценувајќи ги разговорите како позитивни и додавајќи дека следната фаза ќе се заснова на соработка и заемни интереси.
Тој повтори дека Ал-Заиди го отфрлил предлогот дел од силите на коалицијата да останат по 30 септември, додавајќи дека Владата внимателно ги следи случувањата во регионот и дека „Ирак нема да биде дел од конфликтот“.
Ал-Заиди уште на 12 август изјави дека 30 септември ќе биде краен рок за завршување на воената мисија на меѓународната коалиција и за целосно повлекување на нејзините сили.
„1 октомври ќе означи нов ден во државноста на Ирак“, рече Ал-Заиди на тогашната средба со командантот на американската Централна команда, генерал Бред Купер, додавајќи дека Ирак ќе биде ослободен од какво било странско воено присуство.
Двете страни ја потврдија согласноста за завршување на воената мисија на коалицијата, додека односите меѓу Ирак и САД ќе се насочат кон економска и безбедносна соработка заснована врз заемно почитување на суверенитетот и заедничките интереси.
Меѓународната коалиција предводена од САД беше формирана во 2014 година за борба против ДАЕШ/ИСИС, откако оваа терористичка група зазеде големи делови од Ирак и од соседна Сирија.
Ирак во декември 2017 година прогласи воена победа над ИСИС, откако повторно ја презеде целата територија под контрола на терористичката група, додека силите на коалицијата останаа во земјата во советодавна и обучувачка улога, на барање на Багдад

