Skip to main content
Македонија

Нема докази за обвинение: Зошто беше запрена истрагата за „Мазут“?

30/08/2026  11:01

По едногодишна истрага, ОЈО ГОКК донесе одлука да ја запре постапката за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“.
Одлуката дојде по анализа на обемна материјална документација, финансиски и договорни документи, вештачење и искази на повеќе сведоци.

Предметот опфаќаше сомнежи за злоупотреби при јавните повици, незаконско склучување договори и анекси, како и сомнежи за перење пари.

Но по спроведената истрага, обвинителството не ги потврдило наводите од кривичната пријава.

Во официјалното образложение стои дека од прибраните докази не било утврдено дека осомничените ги сториле кривичните дела кои им биле ставени на товар, ниту било утврдено друго кривично дело кое се гони по службена должност.

Во истрагата биле анализирани и прашањата за финансиската штета.

И тука резултатот бил ист: не била утврдена штета врз АД ЕСМ или врз државниот буџет.

Не бил потврден ниту сомнежот за перење пари. Според обвинителството, исплатените средства не претставувале противправно стекната имотна корист, па финансиските трансакции не можеле да се третираат како перење пари или прикривање незаконски стекнати средства.

Покрај финансискиот аспект, истрагата ги разгледувала и испораките на мазут.

Според ОЈО ГОКК, мазутот бил доставуван континуирано и навремено, без да биде загрозено производството на електрична енергија.

Така, по повеќе од една година истрага, бројни сведоци, документи и вештачења, обвинителството оцени дека нема доволно докази за продолжување на постапката.

Одлуката, сепак, не значи дека јавната расправа е целосно затворена. Предметот продолжува да биде предмет на постапување по приговорот пред Вишото јавно обвинителство Скопје.