Skip to main content
Македонија

Сериозен инцидент во Галичник: Загрозен резервоар со вода за пиење

27/08/2026  17:29

Загриженост во Галичник откако во јавен резервоар со вода за пиење, кој го користат повеќе семејства, намерно бил внесен дрвен материјал, коноп или друг туѓ предмет.

Од Месната заедница Галичник го оценија случајот како сериозен и недозволив и предупредија дека внесувањето материјали во резервоар со вода за пиење може да предизвика загадување или контаминација и да ја направи водата неупотреблива.

Оттаму посочуваат дека ваквото постапување, во зависност од утврдените факти и последиците, може да повлече и кривична одговорност.

Фотографиите од инцидентот веќе се доставени до надлежните институции, а од Месната заедница најавија дека во најкраток рок околу резервоарот ќе бидат поставени камери за видеонадзор.

Истовремено, поради сушниот период и потребата од стабилизирање на водоснабдувањето, во Галичник се воведува и ноќен прекин на водата. Водоснабдувањето ќе биде прекинато секоја вечер од 21:00 до 06:00 часот наутро.

„Апелираме до сите жители и посетители водата да ја користат разумно и одговорно, исклучиво за неопходните потреби, и да избегнуваат полевање на дворовите и друга непотребна потрошувачка. Со заедничка одговорност ќе придонесеме за стабилно водоснабдување во текот на сушниот период“, соопшти МЗ Галичник.

Од Месната заедница апелираат граѓаните да бидат одговорни и да не преземаат дејствија со кои би можеле да го загрозат квалитетот на водата, но и да ја намалат непотребната потрошувачка во периодот на суша.