
Тројца македонски државјани загинаа, а уште две лица се повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случи на приморскиот автопат во Словенија, на делницата меѓу Унец и Равбаркоманда, во правец кон Копер, јавуваат словенечките медиуми.
Според првичните информации од словенечката полиција, во несреќата учествувале патнички автомобил и товарно возило. Камионот поради дефект бил запрен во ниша покрај автопатот, кога автомобилот удрил во задниот лев дел од приколката.
Во патничкото возило се наоѓале пет лица, сите државјани на Северна Македонија. Последиците од судирот биле трагични – лекар на местото на несреќата констатирал смрт кај три лица.
Од двете повредени лица, едното со медицински хеликоптер било пренесено во болница, додека повредениот возач на автомобилот бил транспортиран со возило на Итната медицинска помош. Засега нема дополнителни информации за нивната здравствена состојба.
Несреќата била пријавена во 16:28 часот, по што на местото веднаш пристигнале повеќе полициски патроли, пожарникари и медицински екипи. Увидот продолжува, а на местото на трагедијата се упатиле и државен обвинител и истражен судија.
Словенечката полиција најави дека повеќе информации за причините и околностите под кои се случила несреќата ќе бидат соопштени по завршувањето на првичните истражни дејствија.
Поради несреќата автопатот во правец кон Копер е затворен, при што се формирале долги колони возила. Полицијата ги извлекува возилата кои останале заглавени во сообраќајниот метеж, додека товарниот сообраќај се пренасочува кај Логатец.
Возачите се предупредуваат да не ги напуштаат своите автомобили додека се наоѓаат во колоната, бидејќи таквото однесување може да биде опасно.
За краток период била затворена и спротивната насока кон Љубљана поради слетувањето на медицинскиот хеликоптер, но сообраќајот во тој правец во меѓувреме е повторно воспоставен.

