Skip to main content
Македонија

Дединец: Не е прашањето дали ќе има рударство, туку какво рударство сакаме

27/08/2026  15:56

Македонија има потреба од нов пристап кон рударството, заснован на наука, одржливост и заштита на животната средина, порача научниот соработник во МАНУ Александар Дединец.

Говорејќи на настанот по повод Денот на рударите за пораките од Стратегијата за минерални суровини 2026–2046, тој оцени дека јавната дебата треба да излезе од поделбата „за или против рударството“.

Наместо тоа, според Дединец, клучното прашање треба да биде „какво рударство сакаме“.

„На Македонија и е потребно рударство кое нема да биде спротивставено на зелената транзиција, туку ќе биде еден од предусловите за нејзино остварување“, истакна тој.

Стратегијата на МАНУ предвидува развој на одржливо и научно засновано рударство, со зачувување на животната средина како еден од основните принципи.

Во услови кога Македонија располага со минерални ресурси, ваквиот пристап ја отвора и дилемата дали постојните инвестициски проекти, како „Иловица-Штука“, можат да станат пример за модел во кој рударството, економскиот развој и заштитата на животната средина се реализираат заедно.

„Имаме што да понудиме. Иако сме мала држава нашиот геолошки состав ни дава значаен и разновиден минерален потенцијал. Стратегијата ги препознава бакарот, среброто, златото, оловото, цинкот, никелот, хромот, манганот, но и значаен број на наметалични минерални суровини, како и јагленот и водата за пиење. Тоа е потенцијал кој не треба ниту да го преценуваме, но ниту да го игнорираме. Треба паметно да го истражиме, да знаеме со што располагаме“, нагласи научниот соработник во МАНУ, во име на тимот кој работел на текстот на Стратегијата.

Според него, Македонија има минерални суровини и долгогодишна рударска традиција, а зелениот раст без пристап до суровини за зелените технологии е недостижен.

„Не можеме да зборуваме за идниот економски развој без да зборуваме за енергија. Не можеме да зборуваме за иднина на енергетиката без да зборуваме за климатските промени, а се повеќе станува јасно дека не можеме да зборуваме за декарбонизација и зелена транзиција без да зборуваме за минералните суровини… За да изградиме нискојаглеродна економија ќе ни бидат потребни повеќе, а не помалку од одредени минерални суровини. Нема соларни електрани без минерални суровини, нема ветерни електрани без метали, нема електрични возила, батерии, мобилни телефони и современа електроника без суровини кои некаде треба да бидат истражени, ископани, преработени и ставени во функција. Токму затоа во Стратегијата е нагласено дека металите се предуслов за современите технологии…“, заклучи Дединец.

Инаку, според последните податоци, во 2025 година во Македонија биле произведени 130.174 тони бакарен, оловен и цинков концентрат, а рударството учествувало со 10,9 проценти во индустриското производство и со 2,8 проценти во вкупниот извоз на државата.