
Повеќе судски згради во Србија денеска беа евакуирани по серија анонимни дојави за поставени експлозивни направи, поради што привремено беше прекината работата на судовите во Белград, Нови Сад и Ниш.
Како што пренесува „Еуроњуз Србија“, заканите пристигнале телефонски, а првата дојава била регистрирана нешто по 11 часот во суд во Нови Сад.
Набргу потоа слични закани биле пријавени и во судски објекти во Белград и Ниш, по што надлежните служби веднаш ги активирале безбедносните протоколи.
Вработените биле евакуирани од зградите, а судските активности привремено прекинати. Во Нови Сад, вработените чекале пред судската зграда додека полициските екипи го организирале безбедносниот преглед.
На терен биле ангажирани полициски службеници и специјализирани контрадиверзиски екипи, чија задача е да утврдат дали во објектите навистина има поставени експлозивни направи.
Паралелно со проверките, надлежните органи работат на утврдување на потеклото на анонимните телефонски повици и идентификување на лицата што стојат зад заканите.
Според досега објавените информации, нема потврда дека во некоја од евакуираните судски згради е пронајдена бомба.
Се очекуваат дополнителни информации од надлежните институции по завршувањето на безбедносните проверки.

