Skip to main content
Балкан

Почина Ратко Младиќ, осуден за геноцидот во Сребреница и тероризирањето на Сараево

27/08/2026  16:04

Поранешниот командант на Главниот штаб на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, почина денеска во притворската единица во Хаг, каде што издржуваше доживотна затворска казна. Веста за неговата смрт ја потврдија неговото семејство и претставник на Обединетите нации.

Младиќ беше една од најпознатите и најконтроверзните фигури од војната во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година. Како командант на Војската на Република Српска, тој беше обвинет, а подоцна и правосилно осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства.

По повеќегодишно бегство, Младиќ беше уапсен во Србија во мај 2011 година и екстрадиран во Хаг. Неговото судење започна во мај 2012 година.

На 22 ноември 2017 година Хашкиот трибунал го прогласи за виновен по 10 од 11 точки од обвинението и му изрече доживотна казна затвор.

Пресудата стана правосилна во јуни 2021 година, кога Жалбениот совет на Механизмот за меѓународни кривични судови ги отфрли жалбите и ја потврди доживотната казна.

Младиќ беше правосилно осуден за геноцидот во Сребреница, каде што во јули 1995 година беа убиени повеќе од 8.000 бошњачки мажи и момчиња.

Тој беше прогласен за виновен и за прогон, истребување, убиства, присилно преместување и депортација на несрпското население во повеќе општини во Босна и Херцеговина.

Меѓу најзначајните делови од пресудата беше и неговата одговорност за кампањата на снајперски и артилериски напади врз Сараево. Судот утврди дека цивилното население било изложено на систематски напади чија цел била ширење терор.

Младиќ беше осуден и за земање припадници на мировните сили на Обединетите нации како заложници во 1995 година.

Неговото здравје во последните години беше сериозно нарушено, а семејството во повеќе наврати бараше тој да биде пуштен на лекување во Србија. Барањата за предвремено ослободување од здравствени и хуманитарни причини не беа прифатени.

Ратко Младиќ почина додека ја издржуваше доживотната затворска казна изречена од меѓународниот суд.