
Двајца државјани на Алжир, на возраст од 24 и 23 години, се приведени во Скопје по пријава за кражба на пари од угостителски објект во скопската општина Аеродром.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, полициски службеници на 27 октомври, околу 18:50 часот, на булеварот „Кузман Јосифовски Питу“ ги лишиле од слобода двајцата странски државјани.
Приведувањето следувало по пријава од сопственикот на угостителскиот објект, кој пријавил дека истиот ден, околу 16 часот, од шанкот во неговиот локал биле одземени пари.
Полицијата презела мерки за расчистување на случајот, по што двајцата осомничени биле пронајдени и приведени.
Од МВР информираат дека по целосно документирање на настанот, против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Засега не е соопштено колкава сума пари била одземена од угостителскиот објект.
