Skip to main content
Македонија

Едногласно отфрлена иницијативата за изградба на податочен центар во Пехчево

25/08/2026  13:09

Советниците во Советот на Општина Пехчево денеска едногласно ја отфрлија иницијативата поднесена од приватен инвеститор да се почне постапка за изработка на урбанистичко-планска документација за изградба на градби за чување и складирање на дигитални податоци, односно дата-центар, на парцели во Панчарево.

Точката беше предложена како втора на дневниот ред, но уште на почетокот на седницата координаторот на советничката група на СДСМ, Николчо Јовчев, побара да се повлече. Тој посочи дека иницијативата не е доволно образложена ниту пред советниците, ниту пред јавноста, додавајќи дека нивната советничка група нема да ја поддржи.

Градоначалникот на Пехчево, Александар Китански, исто така побара точката да биде симната од дневниот ред, нагласувајќи дека како градоначалник има морална и човечка одговорност кон советниците, општинската администрација и граѓаните.

– Иницијативата што е поднесена до Општина Пехчево е само почеток на една постапка и не претставува одобрение за градба. За евентуална изградба на таков објект треба да се поминат повеќе релевантни институции и процедури – истакна Китански, кој појасни дека согласно законот, не може да го објави името на инвеститорот.

Тој посочи дека во постапката би следувале изработка на планска документација, мислења од надлежни институции, како и постапки поврзани со заштитата на животната средина. Доколку некоја од надлежните институции даде негативно мислење, како што објасни, процесот би бил прекинат.

Китански нагласи дека не сака да се шпекулира со можните позитивни или негативни ефекти од дата-центар без стручни анализи и елаборати. Рече дека се консултираат стручни лица за можните придобивки, но и за потенцијалните влијанија од ваков тип инвестиција.

– Ако некогаш дојде до таква инвестиција, треба да знаеме која е користа за општината, кои се придобивките, но и кои се штетните последици. Не можеме да шпекулираме без релевантни податоци и стручни анализи – рече градоначалникот.