Skip to main content
Македонија

УКИНАТА ЗАБРАНАТА: Водата во Демир Капија повторно е безбедна за пиење

21/08/2026  22:17

По неколкудневна забрана, жителите на Демир Капија повторно можат да ја користат водата од градскиот водовод за пиење и подготовка на храна.

Јавното комунално претпријатие „Бошава“ попладнево информираше дека најновата лабораториска анализа покажала дека водата е здравствено исправна и безбедна за употреба.

Врз основа на добиените резултати, надлежниот инспектор од Агенцијата за храна и ветеринарство ја укинал претходно изречената забрана за користење на водата за пиење.

„По добиените резултати, забраната за пиење на водата, изречена од надлежниот инспектор при Агенцијата за храна и ветеринарство, е укината. Со тоа, граѓаните повторно можат слободно да ја користат водата за пиење“, информираа од ЈКП „Бошава“.

Забраната беше воведена на 14 август, кога од комуналното претпријатие беше соопштено дека водата од градскиот водовод не треба да се користи за пиење и подготовка на храна.

Следниот ден од претпријатието апелираа до јавноста да не се создаваат дополнителни тензии и страв кај населението и порачаа прашањето за исправноста на водата да не се користи за дневно-политички препукувања.

Со последните лабораториски резултати ограничувањето е укинато, а водата од градскиот водовод во Демир Капија повторно може да се користи за пиење.