
Со нови сведочења и вештачење на ракописите пронајдени покрај заѕиданите 350.000 евра, денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето против разрешениот апелациски судија Ѓоко Ристов, обвинет за противправно стекнување и прикривање имот и перење пари.
На рочиштето сведочеа таткото на сопругата на Ристов, Ивица Зориќ, и вештото лице Емилио Фришчиќ, предложени од одбраната. Нивните искази се однесуваа на потеклото на средствата за купување семеен стан во Скопје и на рачно напишаните белешки пронајдени меѓу парите скриени во ѕидот од куќата на родителите на судијата во Неготино.
Особено внимание привлече сведочењето на вештакот Фришчиќ, кој пред судот изјави дека трите ливчиња со рачно испишани износи, пронајдени во пакувањата со пари, не биле напишани од обвинетиот Ѓоко Ристов, туку од неговата мајка Донка Ристова.
Според вештакот, анализата на ракописот покажала дека автор на цифрите е мајката на обвинетиот, која на претходното рочиште тврдеше дека парите се нејзини и на нејзиниот сопруг и дека биле заработени од земјоделство.
Фришчиќ, кој има повеќедецениско искуство во испитување спорни документи, ракописи и потписи, објасни дека при пишување на хартија не мора секогаш да останат биолошки траги.
Тој посочи дека ДНК-материјал може да остане доколку лицето ја допира хартијата со кожата, но дека такви траги може да изостанат ако се користат ракавици или ако нема директен контакт со површината.
Обвинителката Искра Хаџи-Василева, која го застапува обвинението, оцени дека вештачењето е професионално изработено, но дека одбраната се обидува да го искористи за погрешно поврзување на ракописите со ДНК-доказите.
Според неа, фактот дека белешките ги пишувала мајката на обвинетиот не го објаснува присуството на ДНК-материјал од Ѓоко Ристов на фолиите во кои биле завиткани парите.
Обвинителката смета дека одбраната се обидува да создаде теорија за можен пренос или контаминација на биолошкиот материјал, за што, според неа, нема доволна поткрепа.
Таа најави дека на следното рочиште треба да сведочи вешто лице предложено од Обвинителството, кое подетално ќе ги објасни ДНК-наодите и можностите за пренесување биолошки траги.
На денешното рочиште сведочеше и Ивица Зориќ, татко на сопругата на Ристов, кој зборуваше за купувањето стан на улицата „Варшавска“ во Скопје.
Според неговото сведочење, станот има површина од околу 150 квадратни метри и бил купен за приближно 140.000 евра.
Зориќ изјави дека двете семејства се договориле заеднички да го финансираат купувањето, при што секоја страна учествувала со по 70.000 евра.
„Заеднички го финансиравме станот, по 70.000 евра двете страни, ние за нашата единствена ќерка и сватот за својот син Ѓоко“, изјави сведокот.
Тој посочи дека парите биле предадени во готовина, во банкноти од 200 и 500 евра, а семејствата дополнително учествувале и во опремувањето на станот.
Според неговиот исказ, постои и нотарски заверена изјава со која е предвидено станот дополнително да биде впишан на неговиот внук.
Зориќ тврдеше дека неговото семејство имало добра материјална состојба и дека дел од имотот потекнувал од наследство од неговиот дедо, кој поседувал фабрика за чевли во поранешна Југославија.
Обвинителката Хаџи-Василева оцени дека ова сведочење не се однесува на спорните факти од обвинението, бидејќи купувањето на станот, според неа, не е предмет на кривичната постапка.
Од друга страна, адвокатот на Ристов, Звонко Давидовиќ, го оспори начинот на кој Обвинителството ги толкува доказите.
Тој изјави дека отсуството на материјален доказ за предавањето на парите за станот не треба да биде пресудно, обвинувајќи го Обвинителството дека и самото се потпира на недоволно поткрепени тврдења.
„Ние веќе неколку месеци водиме постапка на ‘жими мајка’“, изјави Давидовиќ по рочиштето.
Случајот против Ристов започна по претресот извршен на 18 јануари годинава во семејниот дом на неговите родители во Неготино, кога во шуплини од цигли во ѕид биле откриени вкупно 350.000 евра.
Парите биле спакувани во 13 одделни пакувања, со 610 банкноти од по 500 евра и 225 банкноти од по 200 евра. На дел од пакувањата биле пронајдени и рачно испишани износи.
Обвинителството тврди дека станува збор за непријавен имот за кој обвинетиот не обезбедил доказ за законско потекло, додека одбраната го оспорува обвинението.
На претходното рочиште родителите на Ристов сведочеа дека пронајдените 350.000 евра се нивни и дека ги заработиле во текот на повеќе години од продажба на земјоделски производи.
Сепак, според доказите на кои се повикува Обвинителството, на фолиите во кои биле завиткани парите биле пронајдени ДНК-траги од нивниот син, но не и од родителите. Тие пред судот изразија неверување во ваквите наоди.
Токму прашањето за ДНК-трагите и нивното потекло се очекува да биде една од клучните теми на следното судско рочиште.
Во меѓувреме, одбраната најави дека најверојатно ќе се откаже од предложениот сведок Љупчо Пецов, познат како Ѓаволот, бидејќи не успева да го пронајде.
Судскиот процес продолжува, а останува судот да ја оцени веродостојноста на сведочењата и вештачењата и да утврди дали обвинението е докажано.



