
Папата Лав денеска се врати на Плоштадот Свети Петар, се поздравуваше со верници и благословуваше бебиња од својот отворен папамобил додека ја одржуваше својата прва општа аудиенција во Ватикан по операцијата на рак на белите дробови пред осум дена.

Седумдесет и едногодишниот папа, кој во неделата вети дека постепено ќе ги продолжи своите должности како поглавар на 1,4 милијарди католици во светот, стоеше во задниот дел од возилото додека тоа се движеше низ плоштадот, мавташе, се насмевнуваше и застануваше да разговара со верниците, соопшти Ватикан.
На Лав на 13 октомври хируршки му беше отстранет долниот резен од десното белодробно крило, откако му беше дијагностициран аденокарцином на белите дробови, најчестиот облик на рак на белите дробови.
Најмладиот папа во последните неколку децении, избран во мај 2025 година, доби дијагноза која предизвика шок и покрена прашања за идниот облик на неговиот понтификат.
Денешната аудиенција, прва што ја одржа папата од 7 октомври, помина во вообичаениот формат.
– Првото нешто што сакам да ви го кажам е благодарам за поддршката и молитвите – рече Лав пред собраниот народ на настанот што траеше 50 минути, без експлицитно да го спомне своето здравје.
– Му благодарам на Бога за неговата великодушност – рече папата, зборувајќи со јасен глас додека на Плоштадот одекнуваа извици на одобрување. „Да ја обновиме нашата доверба во Божјата добрина и милосрдие“, рече тој.
По обиколката на Плоштадот, Лав одржа проповед на италијански јазик. Единствената поголема промена во однос на претходните пригоди беше тоа што потоа упати кратки поздравни зборови на седум наместо на девет други јазици.
Неговите лекари изјавија дека операцијата е успешно завршена, без компликации. Се уште не ја објавија големината на туморот, ниту дали болеста се проширила на блиските лимфни јазли, што се клучни фактори за одредување на прогнозата.
Ватикан не даде никакви индикации за денешниот распоред на Лав.
Папата треба да ги посети Уругвај, Аргентина и Перу од 6 до 17 ноември, на едно од најинтензивните патувања организирани за католички лидер во последните неколку децении, но останува нејасно дали тоа патување ќе се реализира според планираното.
Главниот хирург на Лав изјави дека папата би можел целосно да закрепне за патувањето, но државниот секретар на Ватикан рече дека папата можеби ќе треба да го приспособи темпото на својот распоред за да го забрза заздравувањето.


