Skip to main content
Македонија

Клековски: Ги мобилизираме сите надлежни институции за координиран одговор на западнонилската треска

17/08/2026  14:21

На иницијатива на министерот за здравство Сашо Клековски, денеска е формирано координативно тело во кое, покрај институциите од здравствениот сектор, се вклучени и Агенцијата за храна и ветеринарство, претставници на Град Скопје, како и градоначалникот на една од засегнатите општини. Целта е да се обезбеди навремено, усогласено и ефикасно постапување на сите надлежни институции.

– Ги ставаме на располагање сите институционални капацитети и воспоставуваме засилена меѓуинституционална координација. Состојбата се следи секојдневно, а мерките ќе се приспособуваат во согласност со епидемиолошките показатели. Наш приоритет е навремено откривање на случаите, соодветен третман на пациентите и максимална заштита на здравјето на граѓаните – истакна министерот Клековски.

Во однос на актуелната епидемиолошка состојба, во моментов се регистрирани 35 потврдени и три суспектни случаи, кои се во процес на дијагностицирање. Најголем дел од пациентите се лекуваат на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Досега се регистрирани три смртни случаи, додека 15 пациенти се излекувани и отпуштени од Клиниката.

Дијагностичките капацитети се максимално зајакнати, а дневно се вршат од четири до осум анализи.

Министерот Клековски упати апел до граѓаните доследно да ги почитуваат мерките за лична заштита. Граѓаните во зафатените подрачја ќе добијат СМС-пораки со препораки и конкретни мерки за заштита.

– Плановите за прскање против комарци во општините се спроведуваат, а Државниот санитарен и здравствен инспекторат дополнително ќе изврши вонредни контроли. Во зафатените подрачја ќе биде спроведена и вонредна контрола на живината. Апелираме на максимална претпазливост, имајќи предвид дека, историски гледано, август и септември се месеци во кои ваквите епидемии го достигнуваат својот врв – додаде министерот.

Директорот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, д-р Фадил Цана, информираше дека на Клиниката досега кај вкупно 34 пациенти лабораториски е потврдена западнонилска треска, од кои 15 се успешно излекувани.

Министерството за здравство останува во постојана координација со сите надлежни институции и ќе продолжи внимателно да ја следи состојбата на терен. Во зависност од нејзиниот развој, навремено ќе бидат преземани дополнителни мерки, а јавноста редовно и транспарентно ќе биде информирана за сите релевантни податоци и препораки за заштита.