Skip to main content
Свет

Голем пожар и во Белгија, ЕУ испраќа помош

15/08/2026  16:04

Земјите-членки на ЕУ испратија три хеликоптери и два канарда за да ѝ помогнат на Белгија во борбата против шумскиот пожар на истокот од земјата, изјави шефот за управување со кризи на Европската унија, откако белгиските власти побараа итно засилување за да го стават под контрола најголемиот пожар што ја погодил земјата во последните децении.

Шумски пожар го зафати Горните Фањи, најголемиот природен резерват во Белгија, и таму гори од петокот. Локалните пожарникари, земјоделците и војската распоредена таму се обидуваат да спречат ширење на пожарот. До денес попладне, изгореа околу 1.600 хектари, објавија локалните медиуми, повикувајќи се на гувернерот на покраината Лиеж.

Ова е најголемиот пожар некогаш регистриран во Белгија, поголем од оној во 2011 година, кога изгореа речиси 1.400 хектари земја, според податоците од Европскиот информативен систем за шумски пожари.

Европските земји, вклучувајќи ја и Белгија, беа погодени од петтиот топлотен бран оваа недела, што дополнително ги интензивираше топлите и суви услови што се погодни за пожари. Научниците потврдија дека климатските промени предизвикани од човекот, исто така, ги интензивираат временските услови „што им овозможуваат на пожарите да се шират побрзо и да траат подолго“.

ЕУ го координира распоредувањето дополнителни ресурси од европските земји штом една од нив побара итна помош. Авионите испратени во Белгија денес пристигнаа од Чешка, Шведска и Холандија, објави еврокомесарот за кризи Хаџа Лахбиб на платформата X.

Пожарникарите и земјоделците досега користеа вода од локалните езера во борбата против пожарот, изјави денес за Ројтерс портпарол на одделот за инфраструктура на франкофонскиот белгиски регион Валонија.