
Средствата по поволни услови кои беа обезбедени од унгарската Експорт-импорт банка, не ги гледаме како трошок за буџетот, туку како инвестиција, затоа што поддршката за домашните компании е инвестиција во економскиот раст, наведува министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во објава на својот ФБ профил.
„Пред повеќе од две години, ја препознавме потребата за развој на компаниите кои имаат идеи и потенцијал за инвестиции, но за реализација на истите им беше потребно подостапно и поповолно финансирање. Затоа, заедно со бизнис секторот и банките креиравме и дефиниравме модел со кој 250 милиони евра се ставија на располагање за развојни инвестиции во домашниот приватен сектор, по најповолни услови и со лесен пристап да стигнат до крајните корисници„, стои во објавата.
Таа додава дека првата транша кон домашните компании беше исплатена во март минатата година и дека до овој момент во македонската економија се инјектирани вкупно 239 милиони евра, износ кој поттикна значаен инвестициски циклус во приватниот сектор и придонесе за поголемо производство, нови вработувања и поголема конкурентност на домашните компании.
„Целта на Владата беше да препознае што им е потребно на домашните компании и да создаде услови тие потреби да се претворат во реални инвестиции. Интересот покажа дека мерката одговара на реалните потреби на бизнисот. Влеговме во овој проект со јасна цел, преку поддршка на приватните инвестиции да поттикнеме значаен инвестициски циклус во домашната економија. А ефектот е поголем бидејќи средствата што ги обезбедува Владата се надополнуваат со сопствени средства на компаниите“, посочува министерката за финансии.
Според министерката најважното прашање сега не е само колку средства се пласирани, туку што се случува со економската активност како резултат на ваквиот пристап до капитал и зголемените инвестиции.
Додава дека индикатори се охрабрувачки. Корпоративното кредитирање во овој период во кој се реализира оваа мерка, бележи просечен годишен раст од 15%, односно во периодот од март минатата година до јуни оваа година се движи помеѓу 13,5% и 16,5% што покажува зголемена кредитна активност и подобар пристап на компаниите до финансиски средства. Растот на БДП во првиот квартал од 2026 година изнесуваше 3,1%, по растот од 3,5% во четвртиот квартал од 2025 година, 3,8% во третиот и 3,8% во вториот квартал. Еден од значајните придонеси кон растот се јавните и приватните инвестиции.
Позитивни и охрабрувачки сигнали, стои во објавата, гледаме и кај извозот, индустриското производство и вработеноста.
„Сите податоци покажуваат дека економската активност се движи во посакувана насока и се потврда за позитивните ефекти на политиките коишто ги спроведуваме. Токму затоа поддршката за домашниот бизнис ја гледаме како инвестиција во растот на економијата. Овие податоци се важни бидејќи покажуваат дека економските политики треба да се мерат преку конкретните резултати и промените во реалната економија. Целта на Владата е јасна: повеќе инвестиции, зголемено производство, посилни домашни компании, нови работни места, конкурентна домашна економија и одржлив економски раст„, стои во објавата на министерката Димитриеска-Кочоска.
Таа истакнува дека Владата со посветеност ќе продолжи да креира и спроведува мерки кои ќе им овозможуваат на компаниите да растат, да инвестираат и да создаваат нова вредност за целата економија.



