Skip to main content
Македонија

Кога законот молчи – како различните извори на средства стануваат една пензиска сметка?

11/08/2026  17:11

Пишува: Мирослав Трлин, дипломиран економист во пензија

Во една демократска и правна држава, довербата во институциите не се создава само со тоа што тие носат одлуки. Таа се создава тогаш кога секој граѓанин може да разбере како, врз основа на кои правила и според кои принципи тие одлуки се донесени.

Тоа особено треба да важи за пензискиот систем. Тој не е само механизам преку кој секој месец се исплаќаат пензии. Тој е систем во кој со децении се собираат средства од различни извори, се создаваат обврски и се остваруваат законски утврдени права на граѓаните. Затоа, кога станува збор за неговото финансирање, не е доволно да знаеме колку пари има и колку пари се исплатени. Треба да знаеме и од каде доаѓаат тие средства, каква е нивната правна и економска природа и според кој принцип учествуваат во обезбедувањето на средствата за исплата на пензиите.

Законот за пензиското и инвалидското осигурување во членот 187 определува повеќе извори од кои се обезбедуваат средствата потребни за остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување. Меѓу нив се придонесите, приходите од дивиденди и удели, приходите од камати, средствата од Буџетот, приходите поврзани со стажот од поранешните републики на СФРЈ, приходите од имотот на Фондот, дел од акцизите и други приходи.  Самото постоење на повеќе извори не е спорно. Напротив, тоа е законски утврдено. Но токму тука се појавува прашањето што заслужува многу поголемо внимание: Дали сите овие средства, иако имаат различна правна и економска природа и се собираат на различен начин, во моментот на финансирање на пензиите се третираат како заеднички расположлив извор на средства? И ако е така, врз основа на кој законски принцип?

Прашањето станува особено важно кога ќе се направи разлика меѓу придонесите и средствата обезбедени од Буџетот.  Придонесот е поврзан со системот на задолжително пензиско и инвалидско осигурување и со учеството на осигуреникот и работодавачот во неговото финансирање. Буџетските средства, пак, се јавни средства обезбедени од даноци и други јавни приходи. Тие немаат иста правна и економска природа, ниту пак имаат директна индивидуална врска со придонесот на конкретниот осигуреник.

Затоа се поставува едно едноставно, но суштинско прашање: кога овие различни извори ќе влезат во финансирањето на пензиите, како и врз основа на кој законски принцип се определува нивното учество во една заедничка финансиска маса?

Ова не е само теоретско прашање. Според Државниот завод за ревизија, во 2024 година приходите од наплатени придонеси за ПИО изнесувале 71,435 милијарди денари и учествувале со 61,74 отсто во вкупните приходи на Фондот. Расходите за пензии, пак, изнесувале 90,277 милијарди денари. Во истата година трансферираните средства од Буџетот учествувале со 36,71 отсто во вкупните приходи на Фондот.

Овие податоци јасно покажуваат дека приходите од придонеси не се единствениот извор од кој се обезбедуваат средствата за функционирање на пензискиот систем и дека Буџетот има значајна улога во неговото финансирање. Тоа само по себе не е спорно. Државата може, а во одредени услови и треба, да го поддржува пензискиот систем кога приходите од придонеси не се доволни за покривање на обврските.

Но токму затоа станува важно да се знае според кој законски принцип, критериум или формула се определува обемот на таа поддршка и како таа се вклучува во финансирањето на пензиските исплати.

Зашто, ако едниот дел од средствата потекнува од придонеси поврзани со пензиското осигурување, а другиот дел од општите јавни приходи, тогаш не е доволно само да знаеме дека и едните и другите се користат за исплата на пензии. Треба да знаеме како се определува нивното учество, каде се утврдува тоа правило и дали тоа правило е однапред познато и проверливо.

Пензионерот ја знае висината на својата пензија. Знае колку години работел, знае дека за него биле уплаќани придонеси и знае дека пензијата ја добива врз основа на законски утврдени правила. Но тој нема јасен увид според кој принцип различните извори на средства учествуваат во обезбедувањето на средствата за исплата на пензиите.

Тука треба да направиме и една важна разлика меѓу законитоста, правдата и правичноста.

Можно е одреден начин на финансирање да биде формално уреден со закон и со тоа да биде задоволен принципот на законитост. Но законитоста сама по себе не дава секогаш одговор и на прашањето дали начинот на кој се распределуваат и користат средствата е правичен.

Правичноста не прашува само дали правилото постои и дали формално се применува, туку и дали начинот на неговата примена е фер кон оние што учествуваат во системот и кон оние чии права тој систем треба да ги обезбеди.

Во пензискиот систем ова прашање добива посебна тежина. Ако пензиското право е поврзано со вложувањето во системот, должината на стажот и другите законски утврдени параметри, тогаш е оправдано граѓанинот да знае и како средствата со различно потекло учествуваат во финансирањето на тоа право.

Затоа прашањето не е дали Буџетот треба да учествува во финансирањето на пензискиот систем. Прашањето е како, во кој обем и според кој однапред познат принцип тоа учество се определува. Токму тука законитоста и правичноста се допираат: законитоста бара јасна правна основа, а правичноста бара начинот на примена да може да се разбере и провери.

Во секоја сериозна финансиска конструкција не е доволно да се знае само конечниот износ. Треба да се знае и структурата на неговото финансирање. Како што во една пресметка не е доволно да го знаеме само конечниот резултат, туку треба да знаеме од кои елементи е составен, така и кај пензискиот систем треба да биде разбирливо како различните извори учествуваат во обезбедувањето на средствата за остварување на пензиските права.

Ова прашање добива дополнителна тежина по официјалното известување на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување доставено во постапката пред Уставниот суд. Во него Фондот известил дека не е донесен акт – Методологија за пресметка и исплата на пензиите. Уставниот суд, на седницата од 15 јули 2026 година, ја отфрлил иницијативата затоа што актот чија уставност и законитост се барала да се оценува не постои. Тоа е важно да се нагласи: Судот не утврдил дека постои незаконско работење, туку констатирал дека не може да оценува акт кој не е донесен.

Но токму тоа отвора едно легитимно прашање: ако не постои посебна методологија, тогаш каде се содржани и како се применуваат правилата според кои различните извори на средства учествуваат во заедничкото финансирање на пензиските исплати?

Не прашуваме затоа што однапред тврдиме дека правилата не постојат. Прашуваме затоа што граѓаните имаат право да знаат каде се тие правила. Ако се во закон, да се посочи законот. Ако се во друг пропис, да се посочи прописот. Ако произлегуваат од буџетските правила, да се објасни механизмот. Ако се применува утврдена финансиска или сметководствена практика, и таа треба да биде разбирлива и проверлива.

Не е проблемот само колку пари има. Подеднакво важно е од каде се обезбедуваат средствата, каква е нивната природа, како се комбинираат, според кој принцип учествуваат во финансирањето и дали тој принцип е јасен и проверлив за граѓанинот.

Затоа ова не треба да се гледа само како прашање за денешните пензионери. Тоа е прашање и за секој работник кој денес плаќа придонеси со уверување дека утре ќе оствари право на пензија.  Не треба да го поставуваме само прашањето: „Колкава ќе биде мојата пензија?“ Треба да го поставиме и прашањето: „Како функционира системот што треба да ми го обезбеди тоа право?“

Колку се појасни правилата, толку е поголема довербата. Колку е потранспарентна структурата на финансирањето, толку е полесно граѓанинот да разбере што претставува неговиот придонес, а што претставува учеството на државата преку јавните приходи.

И токму затоа ова прашање не треба да се поставува само како прашање за износот на пензиите, туку и како прашање за самата логика на финансирање на пензискиот систем. Не за да се донесе однапред заклучок. Не за да се обвини некого. Туку за да се отвори простор за стручна и јавна дебата за тоа како различните извори на средства, со различна правна и економска природа, се претвораат во заедничка финансиска основа за исплата на пензиите и според кој принцип потоа учествуваат во обезбедувањето на пензиските права.

Тоа прашање заслужува јасен, разбирлив и проверлив одговор.

Не бараме повеќе пари. Не бараме нови привилегии. Бараме појасни правила.

Довербата во пензискиот систем не се гради само со редовна исплата на пензиите. Таа се гради тогаш кога секој пензионер и секој иден пензионер ќе може да разбере како функционира системот, од каде се обезбедуваат средствата и според кои правила различните извори учествуваат во остварувањето на неговото пензиско право.