
Премиерот Христијан Мицкоски достави предлог до Собранието на Република Северна Македонија за избор на Зулфикар Зејнула за министер без ресор во Владата. Предлогот веќе е доставен до претседателот на Собранието, Африм Гаши, а пратениците ќе треба да се произнесат за неговиот избор на една од наредните собраниски седници.
Зејнула е дипломиран криминалист со долгогодишно искуство во државните институции, локалната самоуправа и управувањето со кризни состојби.
Во периодот од 2021 до 2024 година ја извршувал функцијата заменик-директор на Дирекцијата за заштита и спасување, каде бил вклучен во повеќе активности поврзани со управувањето со ризици и кризни ситуации. Претходно, од 2018 до 2021 година бил советник во Советот на Општина Гостивар, додека во периодот од 2017 до 2021 година бил ангажиран во правниот сектор на Демократската партија на Турците на Македонија.
Неговата професионална кариера вклучува и работа во приватниот сектор, каде во периодот од 2010 до 2012 година бил вработен во компанијата „Хабиб Транс“ ДОО.
Во текот на својата кариера бил член на повеќе комисии во Општина Гостивар, меѓу кои Комисијата за прашања на верификација, избори и именувања, Комисијата за планирање и уредување на просторот и заштита на животната средина, како и Комисијата за правни и нормативни работи.
На државно ниво бил член на Групата за процена на ризици и опасности во Скопје и член на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи.
Зејнула има богато меѓународно искуство стекнато преку бројни семинари, работилници и конференции организирани од ОБСЕ, Националниот демократски институт (NDI), Академијата за судии и јавни обвинители, НАТО, како и институции од Република Турција. Неговите обуки опфаќаат теми од областа на малцинските права, лидерството, медијацијата, спречувањето на компјутерскиот криминал, борбата против корупцијата и управувањето со природни катастрофи.
Во 2021 година бил учесник на меѓународната теренска вежба „North Macedonia 2021“ за управување со последици од кризни состојби, организирана од НАТО Евроатлантскиот координативен центар за одговор при катастрофи и Центарот за управување со кризи.
За својата пожртвуваност добил и државно одликување од Република Турција.
По образование, Зејнула е дипломиран криминалист кој студирал на Факултетот за безбедност во Скопје при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Поседува сертификати за англиски јазик и компјутерски вештини, а покрај македонскиот, говори турски, албански, германски и српски јазик.
Доколку добие поддршка од пратениците во Собранието, Зулфикар Зејнула ќе стане нов министер без ресор во Владата на Република Северна Македонија.

