Skip to main content
Македонија

Свеќи и транспаренти за Билјана – граѓани излегоа на мирен протест во Богданци

06/11/2026  23:13

Граѓани вечерва се собраа во градскиот парк во Богданци во чест на 17-годишната Билјана Кириќ, која беше убиена минатиот викенд. Со запалени свеќи и транспаренти, присутните ѝ оддадоа почит и побараа навремена реакција за спречување на насилството врз жените и девојчињата.

На мирниот собир, покрај жителите на Богданци, дојдоа и граѓани од Кочани и од други градови. Со пораките на транспарентите тие повикаа да се слушнат гласовите на оние што се соочуваат со насилство и да се реагира пред тоа да прерасне во фемицид.

Убиството на Билјана ја потресе јавноста. Според досега објавените информации за случајот, таа се обидувала да ја прекине врската со момчето за кое постои сомнение дека ја убило. Тој подоцна си го одзел животот.

Протест против фемицидот е најавен и во Скопје, во недела, на 8 ноември, во 12 часот, во паркот „Жена борец“.