Skip to main content
Економија

МФ: По комисиската расправа Владата го усвои дополнетиот Ребаланс – обезбедени средства и за поддршка на земјоделките и жртвите на семејно и родово насилство

22/07/2026  10:25

Владата на седница го усвои Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026 година, во кој се имплементираа усвоените амандмани, со кои се обезбедија дополнителни средства за жените коишто вршат земјоделска дејност, средства за воспоставување национална СОС линија за поддршка на жртвите на родово и семејно насилство, како и средства за отворање и ставање во функција на два згрижувачки центри за жртви на семејно и родово базирано насилство.

Дополнетиот предлог ребаланс со вградените амандмани по расправата во Комисијата за финансирање и буџет во Собранието и предложените измени ќе биде доставен во Собранието на усвојување.

Со ребалансот на Буџетот вкупните приходи се планирани на ниво од 379,5 милијарди денари. Вкупните расходи се проектирани на ниво од 425,8 милијарди денари, при што дополнителните средства се насочени кон јасно утврдени приоритети.

Со ребалансот се обезбедени дополнителни средства за земјоделските субвенции, повеќе средства за субвенциите во железничкиот сообраќај, поддршката на спортот, како и  за студентскиот и ученичкиот стандард. Oбезбедена е и дополнителна поддршка за најранливите категории граѓани преку средства за социјални надоместоци, за заштитни друштва, народни кујни и мерки за деинституционализација, како и дополнителни средства за здравствена заштита. Со ребалансот се обезбедуваат дополнителни средства за капитални инвестиции и се на ниво од околу 46 милијарди денари, што е зголемување за 14,5% во однос на иницијалниот Буџет. Истовремено се намалуваат расходите за стоки и услуги.

Со реблансот буџетскиот дефицит е проектиран на ниво 46,3 милијарди денари или 4,1% од БДП. Економскиот раст е проектиран на ниво од 3,5%.