
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски ги претстави можностите за индиски инвестиции во македонскиот агросектор на Македонско-индискиот бизнис-форум, одржан во рамки на официјалната посета на претседателката на Република Индија, Драупади Мурму, на Северна Македонија.
Во своето обраќање, Серафимовски оцени дека посетата на индиската претседателка е силен поттик политичките односи меѓу двете земји да се претворат во конкретна економска соработка, нови инвестиции и долгорочни деловни партнерства.
Тој истакна дека актуелната трговска размена во земјоделството и прехранбената индустрија не ги одразува реалните потенцијали на двете економии и посочи дека постојат бројни можности за соработка.
Како најатрактивни области за инвестирање ги издвои сточарството, производството и преработката на овошје и зеленчук, лозарството и винарството, органското производство, пчеларството, како и изградбата на дистрибутивни центри и современи преработувачки капацитети.
„Нашата цел е македонското земјоделство да го трансформираме во модерно, одржливо, технолошки напредно и извозно ориентирано стопанство. Индија ја препознаваме како значаен потенцијален партнер во тој процес, особено во трансферот на технологии и знаење, развојот на преработувачки капацитети и отворањето нови пазари“, порача Серафимовски.
Министерот ги претстави и можностите за вложувања во паметни системи за наводнување, рационално управување со водните ресурси, современа земјоделска механизација, дигитално следење на производството, соларни системи за фарми, како и производство на енергија од биомаса и биоотпад.
Тој информираше дека заинтересираните компании ќе можат да користат финансиска поддршка преку националните програми и ИПАРД III, доколку ги исполнат пропишаните услови.
Серафимовски порача дека Министерството за земјоделство ќе биде активен партнер на потенцијалните инвеститори и ќе помогне во нивното поврзување со домашните производители и реализацијата на одржливи инвестициски проекти.



