Skip to main content
Македонија

Савески: Не се криеја резултатите од анализите во Гостивар, предистражната постапка е тајна

21/07/2026  16:40

Основното јавно обвинителство Гостивар соопшти дека истрагата за масовното труење во Гостивар е сѐ уште во почетна фаза, но не ја исклучува можноста да бидат опфатени и други лица и институции доколку се утврди нивна евентуална одговорност.

На денешниот брифинг со новинарите, на кој присуствуваа републичкиот јавен обвинител Ненад Савески, шефицата на ОЈО Гостивар Елизабета Јосифовска и обвинителите вклучени во предметот, беше презентирана хронологијата на постапувањето по случајот што ја вознемири јавноста по информациите за масовно труење на граѓани.

Обвинителите информираа дека во координација со Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за храна и ветеринарство и Институтот за јавно здравје биле земени примероци од водата од повеќе локации, при што вешто лице утврдило дека нечиста вода од пумпи била внесувана во преливната комора на системот за водоснабдување.

Лабораториските анализи покажале присуство на колиформни и фекални бактерии во водата. Обвинителството појасни дека во јавноста погрешно биле интерпретирани дел од резултатите, односно дека 50-кратно зголемените вредности не биле утврдени во каптажата, туку во надворешниот канал. Во каптажата биле регистрирани 39 колиформни бактерии, иако дозволената вредност е нула, додека водата од градските чешми содржела значително количество хлор.

Врз основа на досега прибраните докази, истрага е отворена против в.д. директорката на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, Артана Асани, раководителот на Одделението за водовод, Вадедин Даути и техничкиот директор Леон Мезини, кои се осомничени за тешки дела против животната средина и природата.

Новиот надлежен обвинител Хазби Исени соопшти дека тројцата осомничени на 25 јуни наложиле поставување на три потопни пумпи во канал со површинска вода која содржела штетни материи, со цел да го тестираат притисокот на водата во системот за водоснабдување.

На прашањето дали истрагата може да ги опфати и здравствените установи и центрите за јавно здравје кои не алармирале навреме или давале информации дека водата е исправна, Исени изјави дека таа можност не е исклучена и дека секое лице за кое ќе се утврди основано сомнение може да биде опфатено со истражната постапка.

Обвинителството нагласи дека допрва треба да се утврди директната причинско-последична врска меѓу епидемиолошката состојба во Гостивар и резултатите од анализите на водата.

Во однос на критиките дека резултатите од анализите биле криени од јавноста, републичкиот јавен обвинител Ненад Савески посочи дека станувало збор за предистражна постапка која согласно законот е тајна. Шефицата на ОЈО Гостивар, Елизабета Јосифовска, додаде дека Обвинителството ги анализирало резултатите и ги соопштило веднаш по отворањето на истрагата.