
Европските сојузници и Канада постигнуваат историски резултати во вложувањата во сопствената безбедност, со што се создава порамноправен однос во рамките на трансатлантското партнерство и дополнително се зајакнува НАТО Алијансата. Ова го истакна заменик генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, во ексклузивно интервју за 4tv.mk, реализирано за време на Самитот на НАТО во Анкара.
Говорејќи за новите обврски на земјите-членки за зголемување на трошоците за одбрана, Шекеринска нагласи дека Европа конечно ги надминува долгогодишните недостатоци во инвестирањето во безбедноста.
„Во само една година европските сојузници и Канада инвестираа повеќе од 139 милијарди американски долари, што претставува еднократно зголемување од околу 20 проценти во однос на претходната година. Тоа е доказ дека овие земји не даваат ветувања што не можат да ги исполнат, туку преземаат конкретни чекори за сопствената безбедност“, истакна Шекеринска.
Таа додаде дека повеќе не е оправдано најбогатите европски држави да очекуваат некој друг да ја финансира и гарантира нивната безбедност, оценувајќи дека преземањето поголем дел од товарот од европските сојузници ќе придонесе за посилни и поодржливи односи со Соединетите Американски Држави.
Во интервјуто, Шекеринска се осврна и на поддршката што НАТО ѝ ја обезбедува на Украина, потенцирајќи дека на Самитот во Анкара сите 32 земји-членки уште еднаш ја потврдиле својата определба за продолжување на помошта.
Според неа, Русија останува главниот предизвик за евроатлантската безбедност, а Алијансата испраќа јасна порака дека нема да се откаже од поддршката за Украина.
„Дури 99 проценти од воената помош што ја одржува Украина доаѓа од земјите-членки на НАТО, а 95 проценти од воздушната одбрана е обезбедена преку програмите на Алијансата. За оваа година е договорена поддршка од 70 милијарди долари, а такво ниво на помош Украина може да очекува и во иднина“, рече Шекеринска.
Таа нагласи дека ова е силен сигнал не само за украинскиот народ, туку и за Москва.
„Ова е порака до Украина дека не е сама, но и порака до Москва дека притисокот ќе продолжи сè додека не се создадат услови за вистински мировни преговори. Путин не може да очекува дека ќе се предадеме или дека Украина ќе биде принудена да крене раце. Целта е да се создадат услови за праведен и долгорочен мир“, изјави Шекеринска.
Таа потсети дека НАТО е сојуз составен од 32 демократски држави со различни политички традиции и интереси, но токму способноста за постигнување консензус претставува една од најголемите предности на Алијансата.
Како пример за заедничкото дејствување ја посочи неодамнешната координирана акција на воздушната одбрана на НАТО, која успешно пресретнала ирански напад насочен кон Турција, оценувајќи дека тоа е уште една потврда за ефикасноста и единството на Алијансата кога е загрозена безбедноста на нејзините членки.

