Skip to main content
Македонија

Почина професорот д-р Денко Скаловски, истакнат македонски филозоф

08/07/2026  20:44

Македонската академска заедница е во жалост по веста за смртта на д-р Денко Скаловски, редовен професор во пензија, кој зад себе остави значаен научен, педагошки и интелектуален придонес во областа на филозофијата и општествените науки.

Д-р Денко Скаловски е роден во 1956 година во Скопје. Своето високо образование го започнал со студии по театарска режија во Белград, а потоа продолжил со студии по филозофија на Филозофскиот факултет во Белград. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје во 1981 година, каде што ја изградил и својата понатамошна академска кариера.

Во 1992 година магистрирал со трудот „Етиката на одговорноста кај Ханс Јонас“, а во 2000 година докторирал со дисертацијата „Антиподи на современата филозофија на музиката“. Истата година бил избран за доцент, додека во 2010 година го добил највисокото академско звање – редовен професор.

Во текот на својата кариера двапати, во 2010 и 2015 година, престојувал на постдокторски студии на Универзитетот „Јохан Волфганг Гете“ во Франкфурт на Мајна, под менторство на еден од најпознатите современи филозофи, професорот Аксел Хонет.

Неговите научни и истражувачки интереси опфаќаа широк спектар области, меѓу кои филозофија, филозофија на родот, филозофија на културата, филозофија на уметноста (естетика), историја на родот и полот, како и социологија на спортот. Преку својата научна работа и предавања остави силен белег во образованието и воспитувањето на бројни генерации студенти.

Телото на д-р Скаловски ќе биде изложено на 9 јули во капелата во Ѓорче Петров од 12:00 до 13:00 часот, а погребот ќе се одржи истиот ден во 13:00 часот.

До неговото семејство, колегите, пријателите, студентите и сите што имаа чест да соработуваат со него се упатуваат искрени изрази на сочувство.

Нека почива во мир.