
Владата на затворена седница го разгледала извештајот на независната комисија формирана од Министерството за здравство, која утврдила дека во земјава биле извршени непотребни операции на срце. Ова во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 го потврди директорот на Фондот за здравствено осигурување и кандидат за министер за здравство, Сашо Клековски, но не откри какви заклучоци биле донесени бидејќи седницата била затворена.
Клековски рече дека немал увид во конечниот извештај на комисијата, но истакна дека Фондот целосно ја поддржал нејзината работа и ги доставил сите пријави од осигурениците кои сметале дека биле оштетени.
На прашањето дали постои обид случајот да биде заташкан, тој одговори дека врз него немало никакви притисоци и повтори дека јавно ги повикувал сите пациенти кои се чувствуваат оштетени да се пријават.
Во интервјуто Клековски посочи дека ФЗО значително ги засилил контролите во здравствениот систем, наведувајќи дека во 2024 година биле спроведени повеќе од 7.000 контроли. Според него, веќе се водат постапки против здравствени установи, а една приватна установа се соочува со казна од 20.000 евра.
Осврнувајќи се на случајот со кардиохируршките интервенции, Клековски нагласи дека главниот предизвик не се само евентуалните непотребни операции кај пациенти кои можеле да се лекуваат поинаку, туку и изведувањето скапи интервенции кај пациенти во терминална фаза, кога тие повеќе не можат да донесат медицинска корист.
Тој порача дека доколку се утврдат злоупотреби, случајот мора целосно да се расчисти и потсети дека актуелните здравствени власти веќе соработуваат со истражните органи во повеќе предмети поврзани со корупција и злоупотреби во здравството.
Како можен системски проблем, Клековски посочи дека во државата моментално функционираат три кардиохируршки центри, иако националната здравствена мрежа предвидува потреба од само две, што, според него, може да создаде притисок за изведување поголем број интервенции.
Според информации на „360 степени“, извештајот на комисијата сè уште не е доставен до Министерството за внатрешни работи ниту до Јавното обвинителство. Аферата беше отворена откако интервентниот кардиолог Сашко Кедев јавно тврдеше дека на дел од пациентите им биле вршени непотребни операции на срце.

