Skip to main content
Македонија

Реконструкција на Владата и потрагата по нова опозиција, дали Македонија влегува во нова политичка фаза? 

01/07/2026  17:12

Пишува: Проф. Д-р Иван Анастасовски

Би сакал да потенцирам дека и предходно децидно пишував дека со “Платформа“ не е возможно да се детронизира ВМРО-ДПМНЕ, но сепак денес сме сведоци дека заедно со инфомациите за реконтрукција на Владата, во медиумите се актуелизираше и темата за т.н. “Платформа“ за подобра иднина (читај за подобар СДСМ). Таа платформа мене лично ми делуваше како платформа за „спас“ и внатрешна борба во самиот СДСМ, но според некои имиња кои се појавија на одреден список кој проструи низ јавноста сепак е нешто повеќе од тоа (барем мене така ми делува), но сепак порано или подоцна вистина ќе излезе на виделина. Многу кратко ќе се задржам на вториот дел од темата од мојата колумна преку четири многу реални дилеми (прашања) за СДСМ и тоа: 

  1. Дали  СДСМ може да се консолидира по серијата изборни порази? 
  1. Дали се потребни (старо)-нови луѓе или нови политики? 
  1. Како да ја вратат довербата кај урбаните гласачи, младите и неопределените? 
  1. Дали партијата има капацитет за идеолошко и кадровско рестартирање или останува заробена во старите структури? 

Одам сега како содржините од филмовите на Квентин Тарантино од крајот кон почеток. Факт е тоа дека во секоја парламентарна демократија постојат два еднакво важни столба – ефикасна власт и кредибилна опозиција. Кога едниот е значително посилен од другиот, политичкиот систем постепено ја губи рамнотежата. Денес, Македонија се наоѓа токму во таков момент, па затоа реконструкцијата на Владата не е само кадровска промена, туку индикатор за амбицијата на владејачкото мнозинство да го засили сопствениот капацитет. Во исто време, кризата во најголемата опозициска партија отвора прашање дали земјата добива посилна власт или пак, останува без доволно силна политичка алтернатива. 

Секоја реконструкција носи две пораки. Првата е дека Владата признава дека постојат сегменти во кои се потребни подобри резултати. Втората е дека јавноста очекува новата кадровска поставеност да донесе конкретни промени, а не само нови имиња. Граѓаните одамна не ги оценуваат владите според бројот на реконструкции, туку според тоа дали се чувствуваат подобро во секојдневниот живот (квалитетот на животот), преку економската сигурност, квалитетот на јавните услуги, владеењето на правото и перспективата за европска интеграција. 

Но, реконструкцијата сама по себе не создава политичка стабилност. Таа може да ја зајакне извршната власт, но не може да ја замени улогата на силна и организирана опозиција. Демократијата не функционира само преку владеење, туку и преку контрола, критика и понуда на алтернативни политики. Токму тука се отвора најголемото прашање за актуелниот политички момент. 

И можеби не случајно (импровизирам) платформата за иднина доаѓа ден соопштувањето од страна на Премисрот за конечниот договор за раконструкција. Но исто така и кога СДСМ, како најголема опозициска партија, се соочува со една од најдлабоките кризи во својата понова историја, една поделна НСДП, потоа  серија на уште помали поделби (Слободни демократи, Социјалдемократска Унија и уште некои), па се до последната поделба преку партијата ЗНАМ. Изборните порази не се само резултат на погрешни кампањи, туку и последица на постепеното губење на довербата кај дел од традиционалното гласачко тело, и сосема е нормално во вакви околности, јавноста се почесто да коментира за потребата од своевидна „платформа за спас“ не како маркетиншки слоган, туку како суштински процес на организациска, кадровска и програмска обнова. 

Прашањето е дали обновата може да се случи само со ново лидерство или ќе биде потребна подлабока промена на политичката култура. Партиите ретко се обновуваат единствено преку смена на претседател. Потребни се нови политики, нов начин на комуникација со јавноста и јасно дефинирана визија за државата. Без тоа, секоја промена ризикува да остане козметичка. Но сепак, мое убедување е дека секоја нова политичка идеја без оглед дали е лево, десно или центар во првиот налет на формирање секогаш таквите ново формирани партии земале од 70.000 до 100.000 гласови (ДА, НСДП, ВМРО-Народна, ЗНАМ).  

Во меѓувреме, Владата добива простор што секоја власт го посакува, политичка доминација без сериозен институционален притисок од опозицијата. Тоа краткорочно може да ја олесни реализацијата на владините политики, но долгорочно не е секогаш добра вест за демократскиот систем. Историјата покажува дека слабата опозиција ретко произведува подобра власт. Напротив, недостигот од силна политичка конкуренција често води кон намалување на политичката одговорност. 

Затоа, реконструкцијата на Владата и кризата во опозицијата не треба да се гледаат како два одделни процеса. Тие се дел од истата политичка слика. Едниот процес ја тестира способноста на власта да испорача резултати, а другиот ја тестира способноста на опозицијата повторно да стане релевантен политички фактор. 

Македонија денес не се наоѓа само пред реконструкција на Владата. Таа се наоѓа пред реконструкција на целокупниот политички баланс. На граѓаните не им е потребна ниту слаба власт ниту слаба опозиција. Им се потребни институции што функционираат, политики што даваат резултати и политички актери што ќе се натпреваруваат со идеи, а не со меѓусебни дискредитации. 

Доколку реконструкцијата на Владата донесе подобри политики, а опозицијата успее да се реформира и повторно да понуди кредибилна алтернатива, тогаш актуелниот политички момент може да биде почеток на нова фаза на демократско созревање. Но, ако кадровските промени останат само формалност, а опозицијата продолжи да бара спас наместо визија, Македонија ризикува да добие политичка стабилност без вистинска демократска динамика. Во политиката, како и во секој демократски систем, најголемата вредност не е апсолутната победа на една страна, туку постоењето на силна конкуренција што ги прави сите подобри. 

Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.