
Основното јавно обвинителство Штип отвори истражна постапка против 38-годишна жителка на Кочани, доцент на Универзитет „Гоце Делчев“, поради сомнение за кривично дело – примање поткуп.
Според Обвинителството, осомничената, како лице кое врши работи од јавен интерес, директно побарала 300 евра од студент за да му овозможи да го положи испитот, иако претходно не покажал доволно знаење за преодна оценка.
Настанот започнал на 16 јуни, кога професорката не му впишала дека не го положил испитот ниту во индексот, ниту во електронскиот систем, туку наводно побарала паричен надомест за да му запише оценка шест.
Според истрагата, на 29 јуни студентот ги однел парите во нејзината канцеларија. Таа му дала инструкции парите да ги остави на помошна маса, помеѓу скрипта и лист бела хартија, по што во индексот му впишала преодна оценка.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување повеќе мерки на претпазливост, меѓу кои забрана за напуштање на живеалиштето, обврска за редовно јавување во суд, привремено одземање на патната исправа, забрана за контакти со студентот, како и забрана за вршење работни активности на факултетот.


