
Подобрување на здравствената состојба е регистрирано кај дел од пациентите со западно-нилска треска кои се лекуваат на Клиниката за инфективни болести. Во моментов се хоспитализирани 19 пациенти, додека двајца и натаму се на респиратор и се во тешка состојба, информира директорот на Клиниката, Фадил Цана.
На Одделот за интензивна нега се лекуваат пет пациенти кои претходно имале тешка клиничка слика. Кај тројца од нив состојбата значително се подобрила и тие се екстубирани.
„Кај нас во одделот за интензивна нега се пет пациенти, од кои сите беа со тешка клиничка слика. Тројца се екстубирани, кај нив е значително подобрена клиничката слика. Но, тоа е динамичен процес, очекуваме дека брзо ќе бидат опоравени. Засега остануваат на респиратор двајца пациенти кои се доста во тешка здравствена состојба“, изјави Цана.
Пациентите со потешка клиничка слика се во повозрасната популација и имаат повеќе придружни заболувања. Станува збор за мажи на возраст над 60 години.
Министерот за здравство Сашо Клековски информира дека досега се евидентирани вкупно 55 случаи на западно-нилска треска. Од нив, 53 се потврдени, додека два случаи не биле потврдени.
Од вкупниот број регистрирани случаи, еден пациент не бил хоспитализиран, додека 52 лица биле примени на болничко лекување.
Според податоците што ги соопшти Клековски, досегашната смртност изнесува 11,5 проценти.
Просечното времетраење на болничкото лекување на пациентите е 14 дена, додека најкраткиот период до испис изнесувал осум дена.
Најголем број пациенти истовремено биле хоспитализирани на 12 август, кога на Клиниката за инфективни болести се лекувале 24 лица.
Здравствените власти продолжуваат внимателно да ја следат состојбата на хоспитализираните, особено на пациентите кои се на интензивна нега.


