
Премиерот Христијан Мицкоски со емотивна порака на социјалните мрежи се прости од починатиот градоначалник на Општина Брвеница, Јовица Илиевски, истакнувајќи дека Македонија изгубила работлив, чесен и скромен човек, целосно посветен на луѓето и на општината што ја водел.
„Со длабока тага ја примив веста за ненадејната смрт на Јовица Илиевски, градоначалникот на општина Брвеница. Јовица беше работлив, чесен и скромен човек, целосно посветен на луѓето и на општината што ја водеше“, напиша Мицкоски.
Премиерот нагласи дека Илиевски ја сфаќал функцијата како обврска кон граѓаните и дека довербата што ја добил ја оправдувал со работа, присуство и конкретни резултати.
„Беше секогаш меѓу луѓето. Ги слушаше, им помагаше и се бореше за нивните потреби. Затоа граѓаните му ја дадоа довербата и за втор мандат“, посочи Мицкоски.
Тој додаде дека Илиевски ќе остане запаметен и како голем вљубеник во спортот, човек со силна енергија, искрен пристап и отворено срце.
Во пораката со сочувство, премиерот изрази поддршка до семејството на Илиевски, неговите најблиски, граѓаните на Брвеница и сите што го познавале и почитувале.
„Јоцо, на последните избори ја добивме најважната битка за твојата Брвеница, твоето дело и споменот за тебе нема да бидат заборавени. Вечен спомен!“, порача Мицкоски.



