Skip to main content
Uncategorized

Забрчанец за „48часа.мк“: Власта ја укина транспарентноста, а владините портпароли се сведени на најавувачи на концерти

14/06/2026  10:15

Специјалистот за комуникации и поранешен шеф на комуникациите во Владата, Марјан Забрчанец, во интервју за онлајн порталот 48часа.мк го анализираше актуелниот начин на комуницирање на државните институции, правејќи јасна дистинкција со периодот од 2017 до 2022 година. Тој потсети дека Македонија тогаш направи суштински скок, од последното се искачи на првото место во регионот по транспарентност, со целосно отворање на владините „заклучени фиоки“ и воведување на 30 задолжителни типови документи за јавно објавување.

Забрчанец во разговорот за 48часа.мк алармира дека од 2024 година наваму, овој стратешки концепт е целосно напуштен.

„Од 2024 наваму јас не гледам таква агенда. Не гледам отворена влада. Некои институции, по инерција и автоматизам, сè уште објавуваат дел од податоците, но нема централна државна агенда за отвореност. Напротив, денес имаме влада која е незаинтересирана за проактивна транспарентност“, дециден е Забрчанец.

Тој повлече и многу остра паралела за улогата на луѓето задолжени за односи со јавноста во извршната власт, посочувајќи дека нивната функција е комплетно деградирана во споредба со минатото.

„Владините портпароли денес се сведени на најавувачи на концерти и журки. Наспроти нив, во еден претходен период, двајца владини портпароли имаа редовен неделни прес конференции и брифинзи каде што во живо одговараа на апсолутно сите актуелни политички прашања, без цензура и без селекција на медиуми“, изјави Забрчанец за 48часа.мк.

Забрчанец во интервјуто потенцира дека транспарентноста никогаш не била алатка за собирање гласови на избори, туку клучен институционален стандард кој ги прави институциите подобри, а услугите за граѓаните поквалитетни – вредност која денес очигледно е изгубена.