Skip to main content
Македонија

Татабитовска: Кумулативниот ефект од загадувањето придонесува прво да се појават, а потоа да се влошат хроничните белодробни болести

01/12/2024  21:44

Во вечерашната епизода на подакстот ЗРАК со д-р Марина, спец д-р Александра Татабитовска – асистент на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје зборуваше за здравствените последици од аерозагадувањето.

Татабитовска, која е и генерален секретар на Македонското респираторно здружение, издвои два типа на негативни ефекти од загадувањето врз здравјето на луѓето.

„Постојат неколку категории на осетливи индивидуи кои особено се ранливи од аерозагадувањето, а тоа во прв план се децата, бремените жени, повозрасните лица над 65 години и особено хронично болните, со акцент на пулмолошките и кардиоваскуларните пациенти. Аерозагадувањето дава акутен и хроничен ефект, односно има директно непосредно дејтво, но и долгорочно кумулативно дејство кое се манифестира по неколку години. Акутното дејство сите ние го забалежуваме кога е високо загадувањето, тоа е иритација механичка, печења на очите, дразнење на горните респираторни патишта, интензивна кашлица како еден одбранбен рефлекс. Тоа е состојба која трае пократко време и организмот може да се опорави и да се рехабилитира од таа состојба“ посочи докторката

Според неа, далеку пострашен е кумулативниот ефект кој придонесува прво да се појават, а потоа и да се влошат хроничните болести особено Хроничната опструктивна белодробна болест која има прогресивен тек и е иреверзибилна.