
На планината Водно денеска ќе се одржи 14-тото издание на најмасовниот планински спортски настан во земјата „Sparkasse Life – Прв до врв“, кој традиционално обединува илјадници љубители на спортот и природата.
Како што информираат организаторите, настанот ќе понуди натпреварување во пет категории: планинско трчање на 4,5 километри, планински велосипедизам на 9 километри, друмски велосипедизам на 11,4 километри, Е-bike на 9 километри и тим-билдинг трка за компании „Summit Run“ на 4,5 километри.
Велосипедските трки ќе започнат во 9:45 часот од Музејот на град Скопје, со летечки старт пред ОУ „Кочо Рацин“, додека трчањето и тим-билдинг трката ќе стартуваат во 10:00 часот пред училиштето. Патеките вклучуваат контролни точки кај полицијата, Средно Водно и на самиот врв.
Целта на настанот, како што посочуваат организаторите, е учесниците, без разлика дали се натпреваруваат или учествуваат рекреативно, да стигнат до врвот и да бидат дел од масовното искачување и енергијата што секоја година ја создаваат илјадници учесници.
За сите што ќе ја завршат трката се предвидени финишер медали, додека најдобрите ќе бидат наградени во повеќе категории, во машка и женска конкуренција. Обезбеден е и награден фонд од 1.000 евра за поставување нови рекорди.
На врвот на Водно е предвидена забавна програма со храна, пијалаци, диџеј и настап на бенд во живо, по што ќе следува церемонија за прогласување на победниците.



