
Портпаролката на Владата, Марија Митева, денеска ги откри првите детали за долгонајавуваниот концерт на светската музичка ѕвезда David Guetta во Скопје, кој ќе се одржи на 8 септември по повод 35 години независност на Македонија.
Според најавите, спектаклот „The Monolith Show“ ќе се одржи во Арена Тодор Проески и ќе претставува едно од најголемите музички и аудио-визуелни случувања организирани во земјава.
Најголемо внимание привлече цената на билетите – само 35 денари, симболично поврзана со 35-годишнината од независноста.
Митева истакна дека ќе има и строги правила за купување, со цел да се спречи препродавање на билетите. Од еден профил ќе може да се обезбедат максимум две влезници.
„Веруваме дека на овој начин ќе го ограничиме препродавањето и злоупотребите“, порача Митева.
Организатор на настанот е Авалон Продукција, а се очекува концертот да привлече публика од цел регион.

