Skip to main content
Македонија

Докторот што снимаше пациентки на „ТикТок“ повторно ќе работи во тетовската болница

14/05/2026  08:59

Докторот од Тетово, Ваљтон Дервиши, кој пред три години беше уапсен откако незаконски снимаше пациентки и колешки на Гинекологија и дел од снимките ги емитуваше во живо на „ТикТок“, се враќа на работа во Клиничката болница во Тетово, објави Истражувачката репортерска лабораторија – ИРЛ.

Според ИРЛ, со последната судска одлука, казната за Дервиши е петкратно намалена – од првично изречените 15 месеци затвор на три месеци. Со тоа, Лекарската комора повеќе нема основ да му ја одземе лиценцата на седум години, како што претходно беше одлучено.

Анестезиологот беше уапсен откако призна дека незаконски и тајно снимал пациентки и колешки на гинеколошкото одделение, а дел од материјалите ги пуштал во живо на својот профил на „ТикТок“. По пријавата од тогашниот директор на болницата, Дервиши веднаш беше приведен и испратен во притвор.

Еден месец подоцна, тој призна вина за кривичните дела „Несовесно работење во службата“ и „Неовластено снимање“, по што Основниот суд во Тетово му изрече казна затвор од 15 месеци. Лекарската комора тогаш му ја одзеде лиценцата на седум години, што претставува најстрога дисциплинска мерка за лекар во земјава.

Но, предметот подоцна беше вратен на повторно судење. Во новата постапка биле приложени нотаризирани изјави од дел од жртвите и од вработени во болницата, а следувале судски одлуки во Тетово и Гостивар со кои казната му била намалена, а дел од делата биле преквалификувани. Токму тоа, според ИРЛ, му овозможило да ги избегне законските пречки за враќање на работа и да побара враќање на лиценцата.

Во изјава за ИРЛ, Дервиши вели дека згрешил и признал вина, но тврди дека не знаел дека снима.

„Јас згрешив, признав вина, не сум знаел дека снимам. Немав никаква намера. Седумнаесет години работев таму и никогаш не сум побарал ниту еден денар да ми платат за прекувремена работа. Само за да врви работата“, изјавил тој.

ИРЛ во својата анализа наведува дека судиите и обвинителите не покажале доволна ангажираност за заштита на јавниот интерес. Според нив, во повторената постапка како докази биле прифаќани и нотарски изјави од вработени доктори во тетовската болница, кои сведочеле дека Дервиши бил добар колега и дека не сметале дека стореното е сериозно.