Skip to main content
Македонија

Работната група за реформи во изборното законодавство продолжи со работа, се разгледуваат препораките на ОБСЕ/ОДИХР

11/05/2026  16:54

Работната група за реформи во изборното законодавство денеска ја одржа четвртата седница, на која продолжи разгледувањето на препораките за унапредување на Изборниот законик, согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР и обврските предвидени во Реформската агенда.

Во однос на учеството на СДСМ , беше истакнато дека до Министерството за правда сѐ уште не е доставено официјално писмено известување за нивно повлекување од процесот. Во таа насока, беше изразено очекување дека партијата ќе ја преиспита својата позиција и ќе продолжи да учествува во работата на групата, со цел реформите во изборното законодавство да се носат низ широк политички и институционален дијалог, во интерес на демократските процеси и довербата во изборниот систем.

На седницата беа разгледани  препораките што  беа усогласени и прифатени со консензус од присутните членови на Работната група. На членовите ќе им се достави и  конечниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори од 2025 година, кој содржи препораки за дополнително унапредување на изборната регулатива и практиките во спроведувањето на изборите. Значителен дел од препораките се повторуваат од претходните изборни циклуси, што ја потврдува потребата од нивно системско имплементирање.

Министерот за правда Игор Филков информираше и за остварените средби со ДИК, АВМУ , ДКСК, со претставници на граѓанскиот сектор,  Државниот завод за ревизија и ОБСЕ/ОДИХР, од каде беа доставени дополнителни мислења и препораки кои ќе бидат предмет на разгледување на следните седници.

Процесот ќе продолжи да се води  инклузивно и низ дијалог меѓу политичките партии, институциите и засегнатите страни, со цел обезбедување на законски решенија усогласени со меѓународните демократски стандарди.