Skip to main content
Македонија

Филипче: Пропагандата на ВМРО ја обвинува ЕУ за сопствениот дебакл со реформите

11/05/2026  15:02

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција укажа  дека ВМРО со пропагандата што ја спроведува преку своите медиуми се обидува одговорноста за застојот во реформите да ја префрли врз Европската Унија. Филипче посочи дека наместо реални резултати и спроведени реформи, јавноста е сведок на политички спинови и обиди за манипулација со граѓаните.

„Муцунски грмнал во Брисел, Тимчо. Ова веќе звучи смешно само по себе. Но, она што воопшто не е смешно е дека криминалната група на ВМРО преку нивните медиуми, сега внимавајте, ја обвинуваат Европската Унија дека не се спроведуваат реформите тука кај нас.Повторувам што објавиле – Тимчо Муцунски, министер на криминалната група ВМРО, и во име на шефот на бандата Христијан Мицкоски, грмнал во Брисел и ја обвинил ЕУ дека таа е виновна што ние не ги спроведуваме реформите како услов за продолжување на преговорите”, рече Филипче.

Притоа, Филипче нагласи дека ваквиот наратив на владата на ВМРО е класична политичка манипулација и обид за избегнување одговорност.

„Кој е овде луд? Тие ништо не работат на реформите, па им е виновна Европската Унија? Дали разбирате до кој степен на манипулација се оди? До вчера ние бевме виновни за сè. Денес е виновен Брисел и целата Европска Унија. Муцунски, исто како и Мицкоски дома, пред македонските граѓани зборуваат едно, но во Брисел зборуваат друго. Денеска повторно го слушнавме тоа и го видовме. Не ги исполниле реформите и немаат што да бараат во Брисел. Но, важно е што сакаат да им пласираат на граѓаните. Повторно лаги и манипулации. Вести од ваков тип, кои излегуваат од кујната на ВМРО се лаги кои служат за манипулација и поделби на граѓаните”, рече Филипче.