
На 18 мај со почеток во 20 часот на големата сцена во МНТ ќе гостува претставата „Татко”, работена според текст од францускиот писател Флоријан Зелер, во режија на Наташа Поплавска, а во продукција на Никшиќко позориште.
Претставата „Татко” е едно од најпознатите дела на Зелер и има освоено престижни награди. По истиот текст е снимен и актуелниот филм, кој освои „оскар”.
Актерската екипа е: Владан Гајовиќ, Ања Дрљевиќ, Никола Васиљевиќ, Маја Стојановиќ, Јован Кривокапиќ и Андреа Драшковиќ.
„Татко” на авторот Зелер е драма за губењето на идентитетот, времето и стварноста.
„Преку приказната за Андреа, човек кој постепено тоне во деменција, сакам да ѝ го доближам на публиката внатрешниот свет во кој се бришат границите меѓу реалното и имагинарното. Сцената станува простор на сеќавања, стравови и илузии, во кој заедно со главниот јунак минуваме низ дезориентација и нестабилност. Оваа интимна семејна драма прераснува во универзална приказна за човечката кршливост и љубовта.
Во средиштето на претставата е односот меѓу таткото и ќерката, Андреа и Ана. Нивната љубов и блискост се испреплетуваат со недоразбирања, болка и чувство на немоќ. Ана, иако водена од љубов и одговорност, носи огромен товар на грижа, вина и исцрпеност. Преку неа гледаме како болеста на еден член од семејството станува искушение за сите, разорувајќи ги односите и силата, но и откривајќи ги длабочините на човечката поврзаност.
Темата деменција денес е повеќе од актуелна, тоа не е само медицински и општествен, туку и длабоко личен предизвик што нè засега сите нас, било преку искуства во сопственото семејство, било преку пошироко разбирање на староста и немоќта. Токму затоа оваа претстава има потенцијал да поттикне разговор и емпатија.
Заедно со ансамблот на Никшиќкото позориште се зафативме со овој сложен и емоционално силен материјал. Имавме инспиративен процес и уживавме во работата на вакво значајно дело од светската современа драматургија какво што е Зелеровиот ,Татко’. Нашата претстава ги надминува локалните рамки и комуницира со публиката на универзално ниво. Верувам дека ,Татко’ ќе остане како едно од оние театарски искуства кои долго се паметат и во сеќавањето на ансамблот и во срцата на гледачите”, вели режисерката на претставата Наташа Поплавска.
Сценографијата е на Весна Сушиќ, костимографијата и изборот на музиката се на Наташа Поплавска, а дизајнот, фотографијата се на Емил Петров.
Билетите се достапни онлајн преку веб-страницата www.mnt.mk, како и на билетарницата која работи од 13:00 до 20 часот.


