Skip to main content
Македонија

Поништени дипломи на УКИМ и Славјански универзитет, ОЈО отвора постапка

05/05/2026  11:07

Министерството за образование и наука отвори постапка за поништување на академски дипломи издадени на Филозофски факултет при УКИМ и Славјански универзитет, по утврдени сериозни неправилности во процесот на нивно стекнување. Случаите веќе се доставени до Јавно обвинителство на Северна Македонија, кое ќе ја продолжи постапката.

По завршување на интерните процедури, факултетот треба да поништи уште едно уверение, по што Министерството ќе ги поништи и останатите документи.

Вториот случај се однесува на приватниот Славјански универзитет, каде се поништени две дипломи издадени на еден ист студент. Според информациите, постои сомнеж дека лицето истовремено било запишано на додипломски и постдипломски студии.

„Постои сериозно сомнение дека станува збор за фалсификувани документи“, изјави Јаневска, додавајќи дека институцијата постапува строго согласно законските процедури и дека нема разлика меѓу државните и приватните универзитети.

Информациите за поништените дипломи ќе бидат јавно објавени во дневниот печат и на веб-страницата на Министерството.

Постапката следи по вонреден надзор на Државен просветен инспекторат, кој утврдил дека од 2019 година на Филозофскиот факултет при УКИМ биле вршени незаконски уписи на студенти на магистерски и докторски студии.

Станува збор за лица со завршени тригодишни стручни студии, кои според Законот за високо образование од 2018 година немаат право на директен премин во втор и трет циклус студии.

Раководството на факултетот веќе донело одлука за прекин на студирањето на 11 студенти – седум на магистерски и четворица на докторски студии. Досега осум од нив веќе се стекнале со магистерски дипломи, додека ниту еден студент не докторирал.