Skip to main content
Економија

Се ограничува маржата на ѓубривата за заштита на домашното земјоделско производство

21/04/2026  15:17

Со цел да се спречи растот на цените и да се помогне на земјоделците и домашното земјоделско производство, денеска на 166-та владина седница, Владата донесе Одлука каде што се ограничува маржата на цената на вештачките ѓубрива. Целта е да се обезбеди достапност до ѓубривата и да се заштитат земјоделците од растот на цените.

Станува збор за две одлуки кои што ќе стапат на сила и истите ќе се применуваат до 31.05.2026 година.

Првата одлука се однесува на сите правни и физички лица регистрирани за производство и трговија на големо и мало, кои прибавуваат и продаваат:

•        неоргански ѓубрива;

•        органски ѓубрива;

•        органо минерални ѓубрива;

•        биостимулатори, како и подобрувачи на својството на почвата.

Највисоката бруто профитна маржа на неорганските ѓубрива со оваа одлука кај сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец се утврдува во вкупен износ до 5% во трговијата на големо и во вкупен износ до 5% во трговијата на мало.

Додека пак највисоката бруто профитна маржа за органските ѓубрива, органо минерални ѓубрива, биостимулатори, од оваа одлука во трговијата на големо ќе изнесува до 10% и во малопродажба ќе изнесува до 10%.

Дополнително, се воведува обврска за континуирано снабдување на пазарот со вештачки ѓубрива. Трговците на мало се должни месечно да обезбедуваат и продаваат најмалку 70% од просечната количина што ја набавиле во 2026 година, додека трговците на големо се обврзуваат да ги снабдуваат трговците на мало со најмалку 70% од просечно продадените количини.

Целта на оваа одлука е да се спречат евентуалните недостатоци на пазарот, да се обезбеди редовна достапност на ѓубривата и да се заштитат земјоделците од неправилниот раст на цените.

Со втората одлука која што денеска е донесена, се ограничува растот на цените на ѓубривата на домашниот пазар, односно се корегира продажната цена за 10% намалување на залихите кои што ги имаат продавачите набавено по старите набавни цени.

Со овие две одлуки се прави стабилизација на цените на ѓубривата, односно нивна корекција, намалување.

Овие одлуки се донесени врз претходна консултација и разговор со регистрираните увозници на вештачки ѓубрива, но и по основ на претходно направена анализа од страна на Државниот пазарен инспекторат каде што беше констатирано дека има раст на цените.

Зголемувањата на цената на ѓубривата значи поскапо производство и притисок врз македонските земјоделци. Затоа целта на оваа одлука е да се стабилизира пазарот, да се намалат трошоците, како и да се заштити домашното земјоделско производство.

Владата ќе продолжи во наредниот период да ја следи состојбата на пазарот и доколку е потребно во иднина ќе се преземат и дополнителни мерки во интерес на граѓаните, на македонското земјоделство и нашата економија.