Skip to main content
Магазин

Од Хановер до Кина, 18.000 километри на велосипед низ 19 држави – луѓето се најпријатното изненадување

29/03/2026  12:40

Малото планинско гратче во источна Македонија имаше можност симболично да отпатува илјадници километри далеку – сè до Кина, следејќи ја приказната на германската велосипедистка и наставничка Анке Хорнбрук.

Таа на покана на нејзиниот сосед во Геманија, инаку беровчанец, го посети Берово одржа презентација за оваа нејзина авантура. Преку фотографии, видеа и живо раскажување, во Ловен дом го претставено нејзиното 11-месечно патување долго повеќе од 18.000 километри, кое го реализирала со велосипед, минувајќи низ 19 држави, запознавајќи различни култури, клими и предизвици.

– Ова не е само патување од една точка до друга, туку приказна за храброст, истрајност и авантура. Ваквите искуства се поттик за сите што се двоумат да ги следат своите соништа, вели беровчанецот Тони Рочовски, кој заедно со своето семејство ја доближи оваа приказна до публиката. Според него, не станува збор само за географска дистанца, туку за инспиративна животна приказна.

Хорнбрук, која работи како наставник во Германија, патувањето го реализирала во рамки на својата „сабат година“, период во кој направила пауза од секојдневните обврски за да се посвети на личен предизвик.

Нејзината рута ја започнала од Хановер, продолжувајќи по течението на Дунав низ Европа, каде, како што раскажа, секое утро имала можност да плива во реката. Патувањето ја одвело низ Германија, Австрија, Словачка, Унгарија, Хрватска и Србија, а потоа и преку Бугарија, Романија, Молдавија и Украина, каде за првпат стигнала до Црното Море.

Од таму продолжила кон Турција, каде преку Босфорот преминала од европскиот на азискиот континент, отворајќи ново поглавје од својата авантура. Следувале Ерменија, Иран и планината Памир – еден од најпредизвикувачките делови од патувањето – за на крај да пристигне во Кина, каде дел од рутата ја продолжила со воз.

За ова патување избрала стабилен велосипед тежок околу 20 килограми, со дополнителен товар од околу 40 килограми, што ѝ овозможило целосна независност. Во одредени делови од рутата, особено во планинските и поретко населени региони, поминувала и по една недела без контакт со луѓе.

Сепак, тоа што таа го издвојува се токму средбите со луѓето кои се покажале како највредниот дел од патувањето. Често била поканувана на ручек од локалното население – од семејства во Узбекистан до угостители во Иран – искуства кои, како што рече, ѝ оставиле најсилен впечаток.

Храната ја подготвувала сама, користејќи мало тенџере и плинско решо, а често користела и намирници од природата, како диви растенија. Во исто време, локалните маркети, кои понекогаш наликувале на автосервиси, ѝ биле сигурна точка за снабдување.

Особено ја изненадиле културните разлики. Во дел од азиските земји забележала дека децата често поминуваат време на мобилни телефони, додека во Иран добила сосема поинаков впечаток за положбата на жената од оној што често се создава во Европа.

Во текот на патувањето имала можност и да се искачи на планината Арарат, како и да помине низ различни природни и климатски зони. Водата, како што посочи, не била проблем – користела извори и бунари, додека финансиски се потпирала на комбинација од картички и кеш, особено во земји како Иран и Туркменистан.

Предизвик претставувала комуникацијата во земјите каде што не се зборува англиски јазик, но, како што рече, говорот на телото често бил доволен за разбирање. Патувала со мапи, иако понекогаш било полесно да се потпре на помошта од локалните жители.

Покрај секојдневните предизвици, на патувањето имало и многу мали, но значајни моменти – како писмото што го носела од своите ученици како потсетник на домот, или необичните детали од различни земји, како специфично обележаните тоалети.

Во текот на авантурата направила повеќе од 8.000 фотографии и видеа, кои ги организирала во повеќе целини, овозможувајќи ѝ на публиката да го доживее патувањето како да е дел од него – од секојдневната рутина на велосипед, до враќањето во Хановер.

Презентацијата во Берово не беше само приказ на едно патување, туку и потсетник дека светот, и покрај разликите, е исполнет со отворени луѓе, неочекувани можности и приказни што вреди да се раскажат.

На прашање на МИА, оваа учителка вели дека продолжува со својата наставничка работа, но не знае се уште кој ќе биде нејзиниот следен предизвик.