
Директорката на Кочанската болница, д-р Катерина Паниќ-Мирчовска, во гостување во Отвореното Студио на 4ТВ.мк говореше за длабоките рани и траумите што ги доживеале повредените при пожарот во дискотеката „Пулс“.
„Кога ги видовме повредените од прва линија и потоа кога се вратија од болниците во странство, моментално почувствувавме и емпатија, и мајчинска грижа. Тоа што тие го поминаа, нивната физичка и психичка болка, е нешто што не можете да го разберете без да се ставите на нивно место“, рече д-р Паниќ-Мирчовска.
Таа посочи дека повредените се соочиле не само со операциите и болката, туку и со психичката траума од тоа што изгубиле пријатели, блиски и колеги.
„Ова е колективна траума која ја потресе целата заедница, особено Кочани. Тука нема семејство кое не е погодено од трагедијата“, истакна директорката.
Д-р Паниќ-Мирчовска објасни дека, иако денес на лицата на повредените се видливи насмевки, патот до закрепнување бил долг и тежок.
„Тие се среќни што се живи, но морам да кажам дека патот што го преживеаја беше макотрпен, и за нив, и за нивните семејства“, заклучи таа.

