
Пишува: Проф. д-р Јове Кекеновски
Собранието на Република Македонија на почетокот на март минатата (2025) година изгласа недоверба (интерпелација) на пет членови на Судскиот совет. Станува збор за редок, но институционално значаен политички акт со кој Собранието на РМ јавно констатира дека нема доверба во работата на носители на висока јавна функција.
Сепак, и покрај изгласаната интерпелација, ниту еден од членовите на кои им беше изгласана недоверба досега не поднесе оставка. Напротив, тие продолжија да ја извршуваат својата функција, што значи дека и понатаму присуствуваат на седници и учествуваат во донесувањето одлуки на Судскиот совет.
Нивната аргументација е формално-правна: мандатот не им престанал бидејќи не е исполнета ниту една од законските основи предвидени во Законот за Судскиот совет. Според ова нивно толкување, тие ќе останат на функцијата сè додека не бидат разрешени во постапка утврдена со закон.
Но токму тука се појавува суштинскиот проблем. Тие се повикуваат на правната празнина во законската рамка, односно на фактот дека не е прецизно уредено што следува по изгласана интерпелација за членови на Судскиот совет. Наместо да ја препознаат политичката и институционалната тежина на парламентарната одлука, тие ја користат оваа недореченост како аргумент за продолжување на мандатот и останување што е можно подолго време на функцијата.
Таквиот пристап можеби е формално одбранлив, но суштински е проблематичен.
Интерпелацијата не е обична процедурална алатка. Таа претставува највисок облик на политичка недоверба што парламентот може јавно да ја изрази кон носител на јавна функција. Во парламентарните демократии, таквата одлука има силно институционално значење, бидејќи парламентот е орган кој го изразува суверенитетот на граѓаните. Оттука, игнорирањето на ваквата одлука значи игнорирање на парламентарно констатираната недоверба, заснована на аргументите наведени во интерпелацијата и потврдена со одлука на парламентот.
Последиците од ваквата состојба не се само правни, туку и институционални. Прво, сериозно е нарушен легитимитетот. Членови на Судскиот совет на кои парламентот им изгласал недоверба остануваат со значително компромитиран јавен и институционален и личен кредибилитет. Иако интерпелацијата не произведува автоматско разрешување, таа неизбежно го доведува во прашање нивниот легитимитет да продолжат да ја вршат функцијата. Во институции кои треба да ја гарантираат независноста и интегритетот на судството, легитимитетот не е споредно прашање, тој е суштински предуслов за нивното функционирање.
Второ, се продлабочува институционалната криза. Секоја одлука донесена со нивно учество (било да се однесува на избор, унапредување, дисциплинска постапка или разрешување на судии) неизбежно ќе биде проследена со сомнеж во нејзиниот легитимитет. Во вакви услови неизбежно се поставува прашањето: дали лица на кои парламентот им изгласал недоверба имаат морален и институционален кредибилитет и авторитет да одлучуваат за кариерата и одговорноста на судиите?
Со тоа се создава институционален парадокс: формално тие сè уште се членови на Судскиот совет, но нивниот институционален и личен кредибилитет е сериозно еродиран.
За мандатот навистина да им престане постојат неколку можни патишта: прво, тие самите да поднесат оставка под јавен и институционален притисок; второ, да се спроведе законска постапка за нивно разрешување согласно Законот за Судскиот совет; или трето, законодавецот да интервенира со јасни законски измени со кои ќе се надмине постојната правна недореченост.
Реалноста, сепак, покажува дека и првата и втората можност се тешко остварливи, особено кога станува збор за функционери кои очигледно не чувствуваат ниту политичка ниту морална одговорност за изгласаната недоверба, додека за третата опција (законодавна интервенција) е потребно време.
Но тоа не го менува суштинскиот факт: нивната позиција станува сè потешко одржлива, а секое нивно понатамошно учество во работата на Судскиот совет дополнително ја продлабочува кризата на легитимитет на ова тело и неизбежно отвора сериозни дилеми и за правната одржливост, односно легалитетот на одлуките донесени со нивно учество.
Во правна држава институциите не можат да функционираат само врз основа на формалната важност на мандатот. Тие мора да почиваат и на доверба, кредибилитет и одговорност (институционална, лична и морална). Кога овие елементи се сериозно нарушени, како во овој случај, правната формалност не може да ја прикрие суштината на проблемот дека Судскиот совет се наоѓа во длабока криза на легитимитет.


