Skip to main content
Македонија

Зошто правосудниот испит мора да се полага само на македонски јазик? (2)

18/05/2026  08:33

Пишува: Проф. Д-р Јове Кекеновски

Пред извесно време јасно и недвосмислено укажав дека барањето правосудниот испит да се полага на друг јазик не е прашање на човекови или јазични права, туку обид за политичка инструментализација на правосудството и релативизирање на државните стандарди.

За жал, наместо смирување на состојбата и рационална правна дебата, деновиве сведочиме на уште поагресивна политизација и опасна инструментализација на ова прашање. Тоа најдобро се гледа од вокабуларот, пораките и наративите што ги користат организаторите на протестот и дел од албанските политичари од опозицијата, кои наместо правна аргументација, пласираат етничка мобилизација, емоционални манипулации и реторика на конфронтација.

Кога прашање за професионален испит се претвора во „борба за идентитет“, „црвено-црна мобилизација“, „национална кауза“ и „историски отпор“, тогаш станува јасно дека целта одамна не е правото, туку безобзирен политички притисок врз државата и институциите.

Правото не е етнички договор, ниту политичка трговија.

Правото е систем на норми, знаење, прецизност и државен интегритет.

Уставот е јасен. Амандман V недвосмислено утврдува дека на целата територија на Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, додека употребата на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните се однесува на службена комуникација во институциите и постапките. Тоа никаде не значи менување на професионалните критериуми за влез во правосудниот систем.

Законот за употреба на јазиците, исто така, регулира службена комуникација и право на употреба на јазик во постапките, но не предвидува правосудниот испит да се полага на друг јазик.

Со други зборови: државата има обврска да му обезбеди на секој граѓанин право да го користи својот јазик во постапките, но државата има и обврска да обезбеди единствен, јасен и професионален правосуден стандард. Правосудниот испит не е симболика, туку филтер на знаење, правна логика, терминолошка прецизност и способност за примена на законите. Во правото, еден термин, една запирка или едно погрешно толкување можат да произведат сериозни правни последици.
Судија или обвинител не смее да биде личност која формално ги исполнува условите, а суштински не го владее на највисоко професионално ниво јазикот на кој се создаваат, толкуваат и применуваат законите. Тоа не е дискриминација, тоа е компетентност.

Особено загрижува што дел од политичките структури и јавни личности свесно ја подгреваат атмосферата со опасна реторика на етничка виктимизација, претставувајќи едно стручно прашање како „напад врз идентитетот“. Со тоа не се бранат права, туку се поттикнува недоверба кон институциите и се продлабочуваат етничките поделби за дневнополитички цели.

Политички и институционално поразително е што и покрај континуираното проширување на правата што произлегуваат од Охридскиот рамковен договор, Законот за употреба на јазиците и низа институционални и политички отстапки, дел од политичките и идеолошки структури не покажуваат интерес за градење стабилен институционален баланс и општествена кохезија, туку постојано отвораат нови барања проследени со реторика на притисок, конфронтација и етничка мобилизација.

Дополнително загрижува што, наместо придонес кон јакнење на правниот поредок, довербата во институциите и државниот интегритет, сè почесто се пласира наратив што создава политичка и етничка дистанца кон државата во која живеат, работат и политички опстојуваат, без притоа да се демонстрира минимум државна лојалност и одговорност кон институциите.

Наместо јакнење на довербата во системот, се создава атмосфера во која секое стручно, професионално и државно прашање се претвора во средство за политички притисок и етничка конфронтација.

Ниту една сериозна и суверена држава не може да функционира доколку професионалните стандарди и институционалните критериуми постојано се потиснуваат под притисок на политички и етнички ултиматуми.

Ниту една сериозна држава не дозволува политички наративи да ги рушат професионалните стандарди во правосудството. Во Франција правосудниот испит се полага на француски, во Германија на германски, во Италија на италијански, во САД на англиски. Така функционира секој сериозен правен систем.

Ова не е напад врз ничии права. Ова е одбрана на државниот критериум, правната сигурност и институционалниот интегритет.

Затоа, никој нема право во име на политички калкулации, етнички мобилизации или партиски интереси да го разградува системот на професионални стандарди врз кој мора да почива правосудството.

Кога политиката станува критериум, правдата излегува од системот.

Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.