Skip to main content
Македонија

Сиљановска-Давкова: Обновувањето на Македонско-словенечкиот бизнис клуб е важен чекор кон продлабочување на економската соработка

17/05/2026  21:32

Во рамки на официјалната посета на Република Словенија, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати пред членовите на Македонско-словенечкиот бизнис клуб во Љубљана.

За претседателката, обновувањето на Македонско-словенечкиот бизнис клуб е важен чекор кон продлабочување на економската соработка и поврзување на бизнис-заедниците на двете држави. 

Според неа, постои потенцијал за зголемување на трговската размена, со оглед на веќе остварените резултати и стекнатата доверба во градење на заедничката деловна култура.

Сиљановска-Давкова истакна дека словенечките производи имаат препознатлив квалитет на македонскиот пазар, а македонските бизнисмени се ценети и посакувани словенечки партнери.

Во обраќањето, таа се осврна и на македонските стратешки приоритети: енергетско и инфраструктурно поврзување, дигитална трансформација и европски реформи, коишто, според неа, треба да создадат стабилна и конкурентна економска средина.

Меѓу присутните беа претставници на бројни македонски и словенечки компании од секторите на дигиталната економија, осигурувањето и пензиските фондови, фармацијата, автомобилската индустрија, металургијата и други стопански дејности.

Тие споделија искуства и согледувања за економските текови во двете држави, со акцент на јакнењето на деловните врски, размената на знаења и отворањето нови можности за соработка меѓу компаниите.

Потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу бизнис клубовите од Скопје и Љубљана претставува дополнителен импулс за поинтензивно поврзување и координација на идните иницијативи и заеднички активности на македонската и словенечката бизнис-заедница.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.

Почитувани стопанственици,

Драги пријатели,

Ми претставува задоволство, во рамките на мојата прва официјална посета на пријателска Словенија, да се сретнам со вас денеска, во просториите на обновениот Македонско-словенечки бизнис клуб.

Македонско-словенечките односи можат да послужат како пример за целиот регион. Ако 50 години живеевме во иста држава, изминативе 35 години од независноста нè зближија уште повеќе. Успеавме да изградиме одлични билатерални односи без отворени прашања, втемелени врз традиционално пријателство и длабока соработка во сите полиња, вклучително и во економијата. Словенија е еден од нашите најдоследни поддржувачи во евроинтеграцијата.

Исто така, Словенија е наш петти најголем инвеститор, со учество од 7% од вкупните странски директни инвестиции. Она што нѐ прави привлечни за словенечкиот капитал не е само поволната даночна клима, туку и нашите традиционални врски и силната мрежа на лични контакти што вие во оваа просторија ја одржувате. 

Го гледаме ова присуство насекаде. Над 40 словенечки компании моментално се активни во нашите стратешки сектори. Вие станавте столбови на нашите банкарски и осигурителни пазари, а сега се пробивате и во енергетиката. Проектите како GEN-I и нивната работа со фотоволтаици покажуваат дека словенечката експертиза ни помага во зелената транзиција.

Во 2025 година, вкупната трговска размена изнесуваше 279.6 милиони евра, од кои увоз 160.7 милиони и извоз 118.9 милиони евра. Но, верувам дека можеме подобро. Затоа, треба да поставиме смела, заедничка цел. Да достигнеме 500 милиони евра во трговска размена. 

Веќе имаме услови. Си ги познаваме навиките, преференците и работната етика, а имаме и традиционална доверба. За македонските потрошувачи, словенечките не се странски производи, туку квалитетни брендови со коишто пораснале. Слично на тоа, за словенечките компании, македонските бизнисмени се посакувани партнери. Оваа доверба е нашата најголема предност и е социјален капитал којшто може да ја олесни работата на Македонско-словенечкиот бизнис клуб. 

Тука е и македонската дијаспора, којашто може да биде многу важен развоен ресурс којшто ќе помогне во нашиот економски развој, но и ние треба да создаваме добра клима за да може овие луѓе да препознаат поддршка на претприемаштвото, не само преку трансфер на пари, туку и преку знаење и бизнис.

Свесни сме дека живееме во време на геоекономска фрагментација на глобалната економија, со енергетски кризи и ценовни шокови. Во вакво непредвидливо опкружување, за да ја направиме македонската економија поотпорна, нашиот стратешки фокус е насочен кон четири столба. 

Прво, енергетско поврзување. Преку изградбата на интерконекторите за природен гас со Грција и со Србија, стануваме транзитна земја за гас и регионален енергетски центар. 

Второ, со модернизацијата на коридорите 8 и 10 обезбедуваме евтин транспорт и безбеден синџир за снабдување.

Трето, се фокусираме на дигиталната поврзаност, бидејќи иднината им припаѓа на развојните, дигитални економии коишто се темелат врз знаење, технологија и конкурентност.

Четврто, и најважно, и покрај пречките со коишто се соочуваме, работиме на европските реформи. И вие, бизнис лидерите, ни помагате на нашиот пат кон Европската Унија. Со усвојување на словенечките „најдобри практики“, некои од македонските фирми веќе функционираат како да се дел од ЕУ. 

Но, сите овие инвестиции во енергетиката, инфраструктурата и дигитализацијата имаат една крајна цел, а тоа е да создадат средина во којашто вашите компании ќе можат да напредуваат и да создаваат вредности. Вашиот успех е мерката на нашиот напредок. Ве охрабрувам да продолжите со истата енергија, иновативност, грижа за вработените, работна етика и енергија и ви посакувам успешна работа.