Skip to main content
Култура, Македонија

Синдикатот на културата поднесе кривична пријава против министерот Љутков, тој ги отфрла обвинувањата

11/03/2026  16:13

Претставници на Синдикатот на културата денеска на прес-конференција пред Основното јавно обвинителство соопштија дека поднеле кривична пријава против министерот за култура Зоран Љутков, обвинувајќи го за злоупотреба на службената положба и овластување, како и за повреда на права од работен однос.

Од Синдикатот посочија дека пријавата ја поднесуваат со жалење, нагласувајќи дека Љутков до неодамна бил нивен колега и дел од синдикалната борба за правата на културните работници.

Според нив, министерот со насоки испратени по електронска пошта и со упатство кое сам го изготвил и потпишал се обидел да ги поткопа правата на вработените во културата и да ги девалвира колективните договори.

„Упатство или мејл не е закон, а министер не е над закон. Упатството што го изготви министерот го поднесовме и до Уставниот суд со иницијатива да се стави вон сила поради неуставност“, велат од Синдикатот.

Оттаму информираат дека во моментов има повеќе од 800 тужби од вработени во културата против институциите и државата, како и над 50 судски пресуди во корист на синдикатот, од кои осум се правосилни.

Синдикатот најави дека ќе поднесе кривични пријави и против директорите на институциите од културата, обвинувајќи ги дека постапувале по, како што велат, незаконски упатства.

„Директорите беа претходно писмено предупредени дека доколку постапат по незаконските налози ќе следуваат кривични пријави, но тие сепак продолжија по тој пат“, соопштија од Синдикатот.

На обвинувањата реагираше министерот за култура Зоран Љутков, кој ги оцени како паушални и неточни.

На прес-конференција во Владата, Љутков изјави дека никогаш не постапувал самоволно и дека сите одлуки се носени во рамки на законите.

„Никогаш не сум ускратил законски загарантирани работнички права. Моја обврска е да обезбедам систем во кој правилата важат еднакво за сите, без привилегии и без исклучоци“, рече министерот.

Тој нагласи дека во државата е на сила Општиот колективен договор за јавниот сектор, а вработените во културата имаат и грански колективен договор во кој е утврдена пресметката на платите.

Според Љутков, Владата понудила анекс на колективниот договор за усогласување на платите со покачувањето од 10 проценти во јавниот сектор, но синдикатот ја одбил таа понуда.

Министерот посочи дека барањата на синдикатот би довеле до ситуација вработените во културата да имаат повисока минимална основа за пресметка на плата од онаа утврдена со закон за останатите во јавниот сектор.