Skip to main content
Македонија

Уставниот суд ги отфрли иницијативите за „Сејф сити“

11/03/2026  16:01

Уставниот суд ги отфрли иницијативите за оценување на уставноста на измените во Законот за прекршоци поврзани со системот „Сејф сити“, кои беа поднесени од пратениците Зијадин Села и Арбен Таравари.

Во иницијативите беше наведено дека новиот систем за електронско евидентирање на сообраќајни прекршоци создава нееднаквост, бидејќи моментално се применува само во Скопје, Тетово и Куманово. Исто така, беше посочено дека известувањата за сторени прекршоци треба да се испраќаат и на албански јазик.

Судијата Насер Ајдари истакна дека треба да се разгледа уставноста на одредени одредби и да се препорача Собранието да направи потребни измени во Законот за прекршоци.

„Отсуството на јасна законска гаранција дека ваквите известувања ќе се вршат на службените јазици опфатени со Уставот создава правна празнина која може да доведе до повреда на уставниот режим за употреба на јазиците“, изјави Ајдари.

Судијката известител Ана Павловска-Данева, пак, оцени дека во самиот закон јасно е наведено кога се применува Законот за употреба на јазиците и дека нема основа да се поведе постапка за оценување на уставноста.

„Не наоѓаме причини за поведување постапка за ниту една од предложените одредби“, изјави Павловска-Данева.

Сличен став изнесе и претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, кој нагласи дека анализата на спорните прашања, вклучително и употребата на јазиците, правата на граѓаните и заштитата на личните податоци, не покажала основ за укинување на законските одредби.

Во меѓувреме, реакции за законот имаше и од претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој изјави дека ја поддржува идејата за подобрување на безбедноста во сообраќајот, но посочи дека остануваат отворени прашања околу контролата и управувањето со податоците што ги собира системот.